• четврток, 13 март 2025

Герасимовски: Угостителите да ги почитуваат прописите за урбана опрема, гласна музика и одлагање на сметот, во спротивно следат санкции

Герасимовски: Угостителите да ги почитуваат прописите за урбана опрема, гласна музика и одлагање на сметот, во спротивно следат санкции

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Општина Центар денеска спроведе вонреден инспекциски надзор на угостителските објекти на Кеј „13 Ноември“, при што беа изречени казни за сите правни субјекти кои ги узурпираа јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение.

Како што информираат од Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски најавил дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема.

На денешната средба со угостителите од општината се дискутирало токму за овој проблем, но и за хигиената и гласната музика.

-Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата. Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат, истакнал Герасимовски.

Особен акцент беше ставен на управувањето со отпадот, при што градоначалникот посочи дека голем дел од отпадот потекнува од угостителските објекти. Во таа насока, согласно Законот за животна средина, угостителите добиле рок до 1 април за склучување договори со овластени постапувачи за третирање на таков вид отпад.

-Теренските контроли ќе продолжат, но мора да делуваме и превентивно. Не започнуваме веднаш со казнени мерки, но по 1 април, секое непочитување на законот ќе биде соодветно санкционирано, порачал Герасимовски.

Општина Центар, велат оттаму, останува посветена на унапредување на хигиената, редот и квалитетот на живот во урбаното јадро, преку соработка со угостителите и доследна примена на законските регулативи. сст/дма/

 

Фото: Општина Центар

 

 

Остани поврзан