• понеделник, 04 март 2024

Герасимовски: Општина Центар продолжува преку графити да ги слави македонските уметници

Герасимовски: Општина Центар продолжува преку графити да ги слави македонските уметници

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Со цел да го збогати визуелниот изглед на објектите, Општина Центар изработува мурали и графити на одредени локации во општината. Од вчера муралот на македонскиот доајен Александар Џамбазов го краси ѕидот на ул. „Орце Николо“в во Дебар Маало, близу Наџак. Муралот го насликаа уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најавува настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот „Златно славејче" на 25 јануари наредната година, кога ќе се одбележи двегодишнината од неговата смрт.

- Навистина е задоволство да се има муралот на доајенот Александар Џамбазов кој со својот неверојатен творечки опус остави неповторлив белег во својата професија и нашата историја. Тој беше автор на детски песни, иницијатор за формирање на фестивалот „Златко Славејче“, пишувач на сценска и филмска музика, македонски диригент и композитор и великан на современата македонска музика. Настанот на 25 јануари ќе претставува своевидно потсетување на музичкиот опус на основачот на детскиот фестивал и доајен Александар Џамбазов, изјавил Герасимовски, соопштија денеска од Општина Центар.

Од Општината потсетуваат дека минатата година за 70-от роденден на Горан Стефановски, градоначалникот Горан Герасимовски со наслов „Од Горан за Горан“ подарил мурал од Стефановски насликан на ООУ „Коле Неделковски“. Летово на Културниот центар „Јадро“ и ООУ „Димитар Миладинов“ насликани беа графити инспирирани од 60-та годишнина од земјотресот во Скопје. цр/ац/

Фото:Општина Центар

Остани поврзан