• недела, 22 декември 2024

Георгиев победник на „Алкалоид Рапид Опен 2024“

Георгиев победник на „Алкалоид Рапид Опен 2024“

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Поранешниот светски младински шаховски првак Кирил Георгиев е победник на традиционалниот отворен меѓународен турнир во забрзан шах „Алкалоид Рапид Опен 2024“.Велемајсторот и член на Алкалоид го оправда статусот на фаворит, па со осум победи и со три ремија (9,5 поени од можни 11) стигна до победничкиот трофеј.

Второто место му припадна на уште еден член на ШК Алкалоид, велемајсторот Звонко Станојоски.

Од третото до деветтото место имаше седум играчи со по 8,5 поени, па наградите беа поделени според дополнителните тај-брејк критериуми. Во оваа група имаше тројца македонски шахисти од помладата генерација: ИМ Никола Николовски, АФМ Антон Златков и ИМ Тони Лазов. Првата десетка ја комплетираше ИМ Дејан Стојановски како најдобар од групата играчи со 8 бода.

На турнирот настапија вкупно 234 шахисти, што претставува рекорден број досега, а 49 од нив беа странски играчи. 

Покрај првите десет во генералниот пласман, доделени беа уште десет специјални награди и медали за најуспешните младинци и младинки според старосните категории. Маја Нејковиќ-Величковски беше најуспешна дама со 7,5 поени, додека, пак, Моника Жежовска со 6,5 поени освои награда како второпласирана во оваа категорија. Шахистката од Грција Софија Вардака со 7 поени беше прогласена за најдобар играч на турнирот во категоријата учесници со почетен рејтинг под 1800, а нејзината сонародничка Василики Александри со 6,5 поени ја освои втората награда во таа категорија. Матео Ефтовски беше најдобар во категоријата играчи со почетен рејтинг под 2000, освојувајќи 8 поени, додека, пак, ФМ Александар Кралевски со идентичен резултат ја освои наградата за најдобар ветеран (играч над 65 години).

Меѓународниот турнир „Алкалоид Рапид Опен“ се одржува традиционално од 2012 година, а на ова издание беше забележан и просечен рејтинг на играчите од 1829, кој е најголем во последните десет години. зс/

 

Остани поврзан