• петок, 22 ноември 2024

Генерал Сирски: Украина ги одбива руските напади, но ситуацијата е тешка

Генерал Сирски: Украина ги одбива руските напади, но ситуацијата е тешка

Украина, 29 февруари 2024 (МИА) - Украинските сили ги потиснаа руските војници од селото Орливка, западно од Авдеевка, но ситуацијата на источниот фронт и понатаму е тешка, изјави врховниот командант на украинската армија Олександр Сирски, пренесоа британските медиуми.

Орливка се наоѓа на помалку од два километри северозападно од Ласточкине, населба неодамна окупирана од руските сили.

Минатата недела руските сили го зазедоа стратешкиот украински град Авдеевка по повеќемесечна офанзива и напредуваат во неколку други области долж линијата на фронтот, соопштија украинските власти.

Оваа недела, украинската војска соопшти дека се повлекла од две села во близина на Авдеевка, губејќи повеќе територии поради недоволната поддршка од западните сојузници.

-Непријателот продолжува со активните офанзивни акции во многу области на линијата на фронтот. Ситуацијата е особено напната околу Авдеевка и Запорожје, рече Сирски на Телеграм.

Тој изјави дека руските јуришни единици се обидуваат да ја пробијат украинската одбрана и да ги освојат селата Тоненке, Орливка, Семенивка, Бердичи и Краснохоривка. Сирски, кој ги посети трупите на источниот фронт, рече дека некои команданти откриле одредени недостатоци во нивната „ситуациска свест и проценка на непријателот“, што директно влијае на отпорноста на одбраната во одредени области.

-Ги презедов сите мерки за корекција на состојбата на терен, со обезбедување дополнителна муниција и материјални средства, како и потребните резерви, рече Сирски.

Украинското воено воздухопловство денеска соопшти дека соборило уште еден руски ловец-бомбардер Су-34, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на командантот на воздухопловните сили Микола Олешчук. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан