• вторник, 23 јули 2024

Генерална оценка за позитивно влијание на проектот за враќање на Сатеска во старото речно корито

Генерална оценка за позитивно влијание на проектот за враќање на Сатеска во старото речно корито
Охрид, 11 февруари 2022 (МИА) - Пренасочувањето на водите од реката Сатеска во старото корито и нејзино вливање во Црн Дрим наместо во Охридското Езеро нема да има негативни последици врз животната средина. Тоа накусо е резимето од обемната Студија за оценка на влијание врз животната средина за Проектот што ја објави Општина Дебрца како една од општините вклучени во проектот за реставрација на реката Сатеска и нејзино враќање во природното речно корито. Општина Дебрца како инвеститор на 145 страници ги посочува сите детали за самиот проект за враќање на Сатеска во природното корито, со генерална оценка дека направените анализи укажуваат оти реализацијата на предлог проектот не претставува закана за животната средина и природата, односно не се очекува да предизвика значително влијание, со нагласок дека неговото спроведување е оправдано доколку се изведе во согласност со законските обврски за ваков тип проекти и особено предвидените мерки во оваа студија. Доследното спроведување на предлог проектот согласно проектната (техничка) документација и заштитните мерки предложени во посочената студија се очекува да донесе долгорочно позитивно влијание за околината (подобрување на моментално нарушениот квалитет на медиумите). Усвојувањето и имплементацијата на предложените мерки утврдени во планот за управување има за цел спречување до најголема можно мера на негативните влијанија и нивна контрола и постигнување на висок степен на заштита на животната средина. Инаку самиот проект е дел од поголем проект на УНДП за климатски отпорно прекугранично управување со ризикот од поплави во сливот на реката Црн Дрим во Западен Балкан (Албанија, Црна Гора и Северна Македонија), насочен кон помагање на посочените држави во имплементацијата на интегриран климатски еластичен пристап за управување со ризици од поплави во речните сливови со цел да го подобрат нивниот постоечки капацитет за управување со ризикот од поплави на национално, регионално и локално ниво и да ја зајакнат отпорноста на ранливите заедници во сливот на реката Дрим кон поплави предизвикани како резултат на климата. Основните цели на проектот се реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 кубни метри во секунда во природното корито кое се влева во реката Црн Дрим, со заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот. Предлог проектот е одговор на утврдените и потврдени долгогодишни влијанија на реката Сатеска на Охридското Езеро и неговиот значаен екосистем, каде таа е посочена како најголем извор на принос на суспендирани материи во езерото, најзначаен извор на вкупен фосфор во езерото, голем извор на вкупен азот. За враќање на Сатеска во нејзиното природно корито, а како надоврзување на претходните активности за анализи и проектирање, подготвена е планска и проектна документација. Врз основа на постоечката техничка документација, природното корито е проектирано да ги прими големите води до 100 кубни метри во секунда, додека евентуалните поголеми количини би биле одведувани преку регулирано корито во езерото. -Вкупната должина на коритото од разделната градба до вливот во Црн Дрим е 7,8 километри, со план во природното корито да се испуштаат 15 кубни метри вода, а останатото да продолжува кон Охридско Езеро. Проектниот опфат е со површина од 13 хектари, а вкупната должина на предметната траса изнесува 3,5 километри во која се предвидени речни градби во функција на пренасочување на речното корито, се наведува во документот. Основниот проект разработува техничко решение за реставрација и враќање на река Сатеска во природното речно корито со изградба на соодветни објекти како бетонски праг за задржување на водата возводно од природното корито, таложник низводно од разделната градба за таложење на наносот и спречување на негово носење до вливот во река Црн Дрим, реконструкција на разделната градба и објекти долж трасата на коритото. Студијата и оценката на влијанијата се правени на основ на обемни истражувачки активности и воспоставена основна состојба на животна средина, претставени во детали во соодветни поглавја од студијата. Оценката на влијанијата разгледува повеќе аспекти на животна средина и социјални аспекти и утврдува соодветни мерки за заштита поставени во акциски план, што ќе биде обврска за спроведување на идниот изведувач на активностите. Реката Сатеска во 1961 година беше пренасочена од нејзиното природно корито и наместо да се влева во реката Црн Дрим таа веќе шест децении се слева во Охридското Езеро. Причините за таквиот зафат беа за да се оневозможи внесување талог во акумулацијата „Глобочица“, за мелиорација односно исушување на Струшкото Блато и за да се зголеми потенцијалот на водата од Охридско Езеро за производство на електрична енергија. Експертите по биологија и лимнолозите се согласни во ставот дека токму таа е најголем загадувач на Охридското Езеро и причина број еден за немањето контрола врз водостојот на езерото. аб/вј/

Остани поврзан