• среда, 09 октомври 2024

Гаши се сретна со група нерезидентни амбасадори за нашата земја со седиште во Софија

Гаши се сретна со група нерезидентни амбасадори за нашата земја со седиште во Софија

Скопје, 12 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска остварил средба со група нерезидентни амбасадори за нашата земја, со седиште во Софија, кои се во посета на Скопје.  

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствувале нерезидентните амбасадори на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Пакистан и Куба, кои изразија поддршка за нашите институции и волја за продлабочување на односите и за јакнење на соработката со Република Северна Македонија, меѓу другото, и на ниво на парламенти.

Претседателот на Собранието Гаши, поздравувајќи ги амбасадорите, истакнал дека Северна Македонија вложува многу во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не само со земјите од регионот и со членките на Европската Унија, туку и пошироко.

Тој кажал дека очекува почести средби во иднина и возвратни посети на билатерално ниво, како можност за динамизирање на соработката меѓу со овие држави  со кои споделуваме многу заеднички вредности. 

На средбата се разговарало за можностите за поголема економска размена, како и за размена на искуства со дел  од земјите аспиранти за членство во ЕУ, како Грузија и Молдавија. 

Во тој контекст, Гаши ги запознал амбасадорите со чекорите што ги презема Северна Македонија во насока на исполнување на стратешката цел за евроинтеграција. 

Биле разменети мислења и околу можностите за продлабочување на парламентарната соработка на билатерално ниво, при што било истакнато дека парламентите се местата каде што се продлабочува дијалогот, во интерес на граѓаните. 

На средбата присуствувале и пратеници од Собранието на РСМ, кои се претседатели на пратеничките групи за соработка кои ги покриваат овие земји. дма/лв/

Фото: Собрание на РСМ

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан