• вторник, 25 јуни 2024

Гаши на средба со претставици на Вестминстер фондацијата за демократија

Гаши на средба со претставици на Вестминстер фондацијата за демократија

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - За продолжување и интензивирање на соработката, како и за реализација на нови проекти, посебно во делот на транспарентноста и независноста на законодавниот дом, како и младинските и финансиските политики, разговараше претседателот на Собранието на Република Севена Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со претставници на Фондацијата за демократија на Вестминстер во Скопје, соопшти собраниската прес-служба.

Гаши нагласи дека се залага за што поголема отвореност и за приближување на Собранието кон граѓаните и дека дава поддршка за сите проекти што се во насока на јакнење на капацитетите и на институционалната и финансиска самостојност на законодавниот дом.

Претставниците на Вестминстер фондацијата за демократија (ВФД) му го честитаа на Гаши изборот на функцијата, посочувајќи дека се радуваат на продолжување на успешната соработка со Собранието на РСМ и дека очекуваат ефикасна и продуктивна реализација и на проектите од новиот Меморандум за соработка, поддржан од Британската амбасада.

Гаши потсети дека оваа соработката датира од 2008 година, кога беше потпишано Писмо за разбирање меѓу Собранието, ВФД и британскиот Форин Офис, со цел зајакнување на капацитетите на собраниските комисии и служба. Тој истакна и дека соработката со ВФД бележи нагорна линија во последните години, откако во септември 2017 година беше потпишан нов Меморандум на разбирање и изрази уверување и подготвеност да се вложи целосно во спроведувањето на проектот „Практикувај демократија“, предвиден со последниот Меморандум, од ноември 2023 година, финансиран од Британската амбасада.

Претставниците на ВФД му ги презентираа на претседателот на Собранието главните точки од новиот Меморандум на разбирање. Во тој контекст, соговорниците разменија мислења и иницијативи за спроведување на Програмата за волонтирање во Собрнаието на РСМ, како и за понатамошна соработка и зајакнување на капацитетите на Буџетската канцеларија на Собранието, на Комисијата за финансирање и буџет и на Клубот за за младински политики, како неформално тело. Исто така, беше изразено задоволство од тоа што во овој собраниски состав ќе има посебно работно тело за млади, односно Комисијата за социјална политика, демографија и млади, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.са/

Фото: Собрание

Остани поврзан