• среда, 16 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Гаши на Меѓународниот научен собир: Нашата заложба за поттикнување на иновациите, технологијата и науката мора да биде постојана

Гаши на Меѓународниот научен собир: Нашата заложба за поттикнување на иновациите, технологијата и науката мора да биде постојана

Скопје, 2 април 2025 (МИА) - Нашата заложба за поттикнување на иновациите, технологијата и науката мора да биде постојана, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот Меѓународен научен собир со професори од Универзитетот Оксфорд, во организација на МИТ Универзитет во соработка со „Oxford Connections“.

Гаши нагласи дека овој настан не е само научен собир, туку и можност за зајакнување на меѓународната соработка и значаен чекор кон подигнување на академското ниво на нашите универзитети.

Спикерот потенцира дека во свет каде што науката, иновациите и технологијата напредуваат со огромна брзина, а државите се натпреваруваат со најразлични откритија, малите земји како нашата се соочуваат со предизвикот да го следат темпото на овие развои.

-За жал, земји како Северна Македонија и оние од регионот немаат конкурентна предност во економијата и природните ресурси како што имаат поголемите и помоќни држави. Поради тоа, цврсто верувам дека науката, истражувањето и знаењето се областите во кои треба да се натпреваруваме. Во овој контекст, нашата заложба за поттикнување на иновациите, технологијата и науката мора да биде постојана. Затоа, сметам дека денешниот настан е доказ за потенцијалот и успешната соработка помеѓу научните и истражувачките институции, што ќе ни помогне да создадеме нови можности за нашите студенти и млади, како и да придонесеме за развојот на иновативни решенија за предизвиците на нашето општество и пошироко, рече тој.

Претседателот на Собранието изрази надевање дека овој настан ќе се искористи за зајакнување на нашите односи, за создавање нови можности за соработка и за поддршка на развојот на науката и образованието, кои директно ќе влијаат врз иднината на нашата земја.

Ректорот на МИТ Универзитет Скопје, проф. д-р Звонимир Јанкуловски изрази уверување дека Меѓународниот научен собир ќе послужи како катализатор за заеднички истражувачки проекти, академски размени и иновативни иницијативи кои ја зајакнуваат нашата академска позиција во Македонија.

Потенцира дека за него како ректор, високото образование има длабока улога во негувањето на имагинацијата – проширување на хоризонтите на младите за да ги води кон размислување и конципирање на сите начини на кои тие можат да ги поттикнат сопствените хоризонти на можното и со тоа колективно да го променат светот во кој живееме.

-Ние како МИТ Универзитет размислуваме долгорочно. Размислуваме за долгорочни перспективи на Универзитетот, за тоа што е создаден да трае како начин на поврзување на знаењето и практиката од една од најсилните сили на човечкиот ум – љубопитноста. На МИТ Универзитетот студирањето значи повеќе од стекнување знаење. Значи тестирање и запознавање со најоддалечените граници на вашиот интелект, рече Јанкуловски.

Меѓународниот научен собир вклучува три сесии со предавачи од Универзитетот Оксфорд, кои ќе се осврнат на теми од областа на науката, вештачката интелигенција, психологијата и теологијата.фф/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан