• недела, 22 декември 2024

ГАК ќе расправа за претстојниот Самит на ЕУ, на маргините на собирот ќе почнат преговорите за членство со Молдавија и Украина 

ГАК ќе расправа за претстојниот Самит на ЕУ, на маргините на собирот ќе почнат преговорите за членство со Молдавија и Украина 

Брисел, 25 јуни 2024 (МИА) – Подготовките за претстојниот Самит на ЕУ закажан за 27 и 28 јуни, како и дискусијата за нацрт-заклучоците од оваа средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата, ќе бидат главна тема на денешното заседание на европскиот Совет за општи работи (ГАК), што ќе се одржи во Луксембург. 

Главни теми предвидени за Самитот на ЕУ се состојбите во Украина и на Блискиот Исток, прашања поврзани за безбедноста, одбрана и конкурентноста, како и дискусија околу следниот институционален циклус на Унијата, во чии рамки се очекува да биде донесена одлука на носителите на врвните раководни места во блокот – претседателите на Европскиот совет и на Еврокомисијата, како и високиот претставник за надворешна политика и безбедност. 

На маргините на средбата на министрите и државните секретар задолжени за европски прашање на ЕУ попладнево ќе се одржат и меѓувладините конференции на Унијата со Молдавија и Украина на кои треба да бидат усвоени преговарачките рамка со кои се утврдуваат насоките и принципите за пристапните преговори, со што формално ќе биде означен почеток на преговорите за членство на двете земји во Унијата. 

За утре, пак, во Брисел е предвиден 16-от состанок на Меѓувладината конференција на ЕУ со Црна Гора на министерско ниво на кој ќе биде направен преглед на напредокот на земјата во исполнувањето на привремените одредници од поглавјата за владеење на правото - Поглавјето 23 за правосудство и основните права и Поглавјето 24 за правда, слобода и безбедност, а ќе разговара и за насоки за претстојните активности. 

Инаку, на денешното заседание на ГАК ќе се одржи и дебата за Директивата за транспарентност на застапувањето на интересите во име на трети земји, како и за предлог-правилата на ЕУ за зајакнување на демократијата со промоција на слободни и фер избори, зголемување на транспарентноста во политичкото рекламирање и зајакнување на изборните права. 

Учесниците на состанокот на ГАК ќе расправаат и за постапката против Унгарија врз основа на член 7 став 1 од Договорот на ЕУ поради сомнежите за непочитување на основните вредности на Унијата поврзани со владеењето на правото. сп/

Фото: МИА Архива

  

Остани поврзан