• петок, 06 септември 2024

Вучиќ: Oдлука за поканата на Путин ќе ја донесам на 10 или 15 октомври

Вучиќ: Oдлука за поканата на Путин ќе ја донесам на 10 или 15 октомври

Белград, 6 септември 2024 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека поканата на рускиот претседател Владимир Путин да дојде на состанокот на БРИКС е важна покана, но дека одлуките ќе ги донесе на 10 или 15 октомври, додавајќи дека „не сакал ништо да одбие или прифати“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нема сомнеж дека тоа е важен повик, исто како што претходно имаме закажано важни посети, рече Вучиќ и додаде дека не може да каже за која посета станува збор, но дека сите ќе видат дека е важна.

Тој додаде дека е горд на суштински независната политика на Србија.

-Србија е на европскиот пат, но има своја политика и нема да се откаже од своите традиционални пријатели, вклучувајќи ги Кина и Русија, ќе се погрижиме овие пријателства да се зачуваат како залог за поинаква иднина. Србија покажа и докажа дека може да биде искрен и лојален пријател кога тоа не е воопшто лесно, додаде Вучиќ.

Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ не ја одбил поканата на рускиот претседател Владимир Путин да учествува на состанокот на БРИКС и дека за тоа двајцата ќе разговараат во однапред договорен телефонски разговор.

Самитот на земјите на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) ќе се одржи од 22 до 24 октомври во рускиот град Казан.

Путин на 4 септември го покани Вучиќ да учествува на Самитот на БРИКС на средбата со вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на маргините на Источниот економски форум (ЕЕФ) во Владивосток.

Во првиот јавен одговор на таа покана, Вучиќ на 5 септември изјави дека Србија за време на одржување на самитот на БРИКС ќе има „важни гости од странство“.

Србија е меѓу ретките земји во Европа кои одбиваат да се приклучат на меѓународните санкции против Путин по руската инвазија на Украина. об/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан