• недела, 22 декември 2024

Вучиќ - Столтенберг: Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска, но добро ги разбираме барањата на НАТО и Западот

Вучиќ - Столтенберг: Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска, но добро ги разбираме барањата на НАТО и Западот

Белград, 21 ноември 2023 (МИА) - „Имаме поинакво гледање на настаните во Бањска на северно Косово, но ги разбираме барањата на НАТО и Западот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата во Белград со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој побара „сторителите на овие настани да бидат изведени пред лицето на правдата“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Разговаравме и за тензиите на северот на Косово и за важноста на мировната мисија КФОР, која веќе две децении ја гарантира безбедноста и ќе продолжиме да го правиме тоа непристрасно во рамките на мандатот. Припадниците на КФОР претрпеа напади, видовме немири во септември, сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Столтенберг.

Тој посочи дека КФОР распоредил 1.000 војници на Косово, што е најголемото засилување во изминатата деценија.

-Сметам на сите страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на акции. Трупањето сили на српската војска во близина на премините (границата) нема да помогнат, рече тој.

Столтенберг го поддржа формирањето на ЗСО и ги повика Белград и Приштина да се ангажираат во дијалогот, што е единствениот начин за конечниот мир и стабилност.

Српскиот претседател се повика на изјавата на Столтенберг дека КФОР обезбедува мир и безбедност за сите заедници во Косово, дообјаснувајќи „да немаше потреба да се обезбеди мир и безбедност за никој друг, освен за Србите, кои се единствените кои се напаѓани“.

-Само Србите се напаѓани од 2001 година, особено откако Албин Курти е на власт. Го информирав Столтенберг за фактот дека 13 отсто од Србите го напуштиле северот на Косово само во минатата година поради огромниот притисок, апсењата, малтретирањето и заканите од режимот во Приштина, рече Вучиќ.

Тој кажа дека има поинаков поглед на она што се случи во Бањска, но и да добро разбира кои се барањата на Западот, а кои барањата на НАТО, рече Вучиќ.

-Но, кому му е гајле за правото, кому му е гајле за ОН и резолуцијата 1244, па тоа произведе да дојде до таква ситуација во Бањска, со што секако не се согласуваме, и затоа согласно нашето законодавство, ќе ги направиме одговорни оние кои учествувале во извршувањето на кривичните дела во Бањска, рече Вучиќ.

Тој додаде дека „српската војска не ги пречекорила своите овластувања, имала коректен однос со НАТО и КФОР, а каде ќе се распоредува војската е нашата работа“.

Генералниот секретар на НАТО рече и дека разговарале за повторно одржување на заедничките воени вежби на Србија и НАТО на што Вучиќ кажа дека секогаш ќе соработува со НАТО, и дека како врховен командант, ќе испрати барање до Владата да ја разгледа одлуката за почеток на одржување заеднички вежби со НАТО што биле и претходно. об/сд/

Остани поврзан