• вторник, 05 март 2024

Вучиќ-Мелони: Италија бара европските институции да направат брз процес за проширувањето со гаранции цела Европа да биде обединета

Вучиќ-Мелони: Италија бара европските институции да направат брз процес за проширувањето со гаранции цела Европа да биде обединета

Белград, 3 декември 2023 (МИА) - Економските и политичките односи беа во фокус на разговорите на италијанската премиерка Џорџа Мелони со српскиот претседател Алекдандар Вучиќ на денешната средба во Белград, со акцент на евроинтегративните процеси и мигрантската политика, и почетокот на производството на електричното возило „Панда“ на Стелантис во Крагувац, јави дописникот на МИА од Белград.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека за Рим е важно Западен Балкан да се приклучи на европското семејство и дека Србија има стратешко значење за Италија.

-Затоа сме тука и ќе продолжиме да бидеме меѓу првите кои го поддржуваат процесот на проширување, не толку проширувањето колку обединувањето на Европа, бидејќи Европа не е клуб каде што се одлучува кој треба да биде таму. Она што европските институции треба да го направат е сериозен и брз процес за да се гарантира дека цела Европа ќе биде обединета, рече Мелони.

Таа потенцираше дека за „Италија е важно Западна Европа да биде дел од семејството на ЕУ и Србија може да смета на поддршката од Италија и во Европскиот совет, со цел да се забрза процесот на приближување кон ЕУ и се она што го бара Европската комисија“.

-Знам дека Србија ќе продолжи да има конструктивен пристап во дијалогот за Косово. Италија го поддржува тој процес и ние работиме на реализација на сите обврски што ги презедоа страните, рече Мелони.

Вучиќ на прес-конференцијата рече дека Италија објективно и суштински пристапува кон решавање на проблемите во регионот.

-Разговарав со Мелони за сите регионални прашања и европскиот пат на Србија и благодарен сум на премиерката на Италија за суштинската и упорна поддршка на Италија за европскиот пат на Србија, а особено сум благодарен на Мелони што секогаш сакаше да го слушне нашето мислење, да сослуша што има да каже Србија, и што нема едностран пристап кон проблемите во регионот, рече Вучиќ.

Во врска со економската соработка, Вучиќ изрази надеж дека во иднина таа може да биде многу повисоко, особено кога „Стелантис ќе почне да ја произведува електричната „панда“ во Крагуевац“.

-Компанијата „Стелантис“ може, покрај производството на „пандата“, ново електрично возило, да биде и генератор на нови инвестиции во автомобилската индустрија, рече Вучиќ.об/

 

Остани поврзан