• среда, 14 август 2024

Вулин и Поповиќ во Москва на средби со Шојгу и Решетњиков

Вулин и Поповиќ во Москва на средби со Шојгу и Решетњиков

Белград, 13 август 2024 (МИА) - Српскиот вицепремиер Александар Вулин и министерот  за меѓународна соработка Ненад Поповиќ- и двајцата на црната листа на САД- а кои во повеќедневна посета на Москва, денеска остварија средби со Сергеј Шојгу и министерот за економски развој на Русија Максим Решетњиков, јави дописникот на МИА од Белград.

Вулин на средбата со секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, разговараше за „актуелната безбедносна ситуација во Србија и активното учество на странските сили во вештачко предизвикување тензии во Србија“.

-Вицепремиерот на Србија им се заблагодари на руските безбедносни структури кои го предупредија раководството на Србија за подготовка на масовни немири и обид за државен удар, се наведува во соопштението на српската влада.

Во него се додава дека Вулин истакнал дека Србија и е благодарна на Русија за нејзината континуирана поддршка во сите тешки прашања, за нејзината конзистентна позиција за непризнавање на Косово, како и за соработката и помошта на српскиот народ во борба против усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на ОН.

Министерот Поповиќ на средбата со колегата Решетњиков, истакнал дека меѓу Србија и Русија остануваат силни партнерски односи и деловни контакти во областа на енергетиката, транспортот и инфраструктурата.

-Министерот Решетников оцени дека постои потенцијал за отпочнување на нови проекти во областа на здравството, туризмот и високите технологии и потсети на важноста од дејствување преку Руско-српскиот деловен совет, се наведува во соопштението од кабинетот на министерот Поповиќ.

Вчера Вулин имаше средба со советникот на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, за надворешни работи, Јуриј Ушаков, на која според соопштението од неговиот кабинет ијзавил дека „Србија е единствената земја во Европа која не станала дел од антируската хистерија и нема воведено санкции на Руската Федерација“.

Тој беше и на откривањето на споменикот на југословенските партизани во Москва каде изјави дека„Србите и Русите сами ја избориле својата слобода во Втората светска војна и дека им донеле слобода на другите народи, но тие народи никогаш не им опростиле што се ослободени од нацизмот“.

Спорд руските медиуми, срспкиот вицепремеир ќе одржи широк спектар на состаноци, а покрај разговорот со Сергеј Шојгу тој ќе разговара и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, и претставници на безбедносниот сектор. об/ссм/

Остани поврзан