• среда, 22 мај 2024

Втор циклус на повикот за аплицирање во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ финансиран од ЕУ

Втор циклус на повикот за аплицирање во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ финансиран од ЕУ

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија денеска информираат за вториот циклус на повикот на УНЕСКО, Британскиот совет и на Италијанската агенција за развојна соработка финансиран од Европската Унија за аплицирање во рамките на заедничкиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан“.

Од Министерството за култура соопштуваат дека по повод повикот, за сите сите заинтересирани институции, организации и физички лица, во петок (19 април) со почеток во 10:00 часот во КСП ЦЕНТАР – ЈАДРО  ќе се одржи информативната сесија и презентација за проектот, која може да се следи и онлајн со регистрирање преку платформата „Зум“ ( на следниот линк) .

Целта на повикот, како што наведуваат од Министерството за култура, е да се поттикнат активностите на културниот и на креативниот сектор со цел подобрување на вештините, знаењата и пристапот до финансиска поддршка во насока на зголемување на конкурентноста и одржување на копродукцијата и циркулацијата на услуги во Западен Балкан.

Проектот започна во април 2022 година и е со времетраење од 48 месеци. Во овој период проектот вклучува низа активности, како што се: техничка поддршка за анализа на податоци и управување со секторот култура, градење капацитети за креирање политики и регионални размени, воспоставување јавни/приватни партнерства за промовирање на културната и креативната валоризација на јавните простори, програми за културни лидерства, поврзување на независните медиумски портали во насока на создавање и споделување на културните содржини во регионот, механизми за стимулирање на приватното финансирање, мали проекти за заштита на културното наследство во насока на зајакнување на учеството на локалните заедници и споделување на добри практики во регионот и со земјите членки на ЕУ.

Повикот, критериумите и начините на аплицирање за институции и организации е на прикачениот  линк со рок за поднесување најдоцна до 27 мај 2024 година. За повикот за мали грантови за физички лица е следниот линк, и е постојано отворен за аплицирање сѐ до 31 декември 2025 година. вг/

Фото: проект „Култура и креативност за Западен Балкан“

Остани поврзан