• понеделник, 23 декември 2024

Вториот брод со хуманитарна помош за Газа отплови од Кипар

Вториот брод со хуманитарна помош за Газа отплови од Кипар

Никозија, 30 март 2024 (МИА) – Бродот „Џенифер“ со хуманитарна помош од 332 тони, во придружба на уште два помошни брода, од кои еден пренесува кран, а другиот специјална платформа, попладнево од пристаништето во Ларнака на Кипар отплови за Газа, што воедно е втора помош по морски пат во рамките на иницијативата „Амалтиа“ во која се вклучени неколку земји и Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кипарското МНР преку „Х“ соопштија дека втората пратка со помош за Газа отплови попладнево, додека пак портпаролот на Владата на Кипар Константинос Летибиотис, исто така преку „Х“, информираше дека во хуманитарната мисијата се вклучени бродот „Open Arms“, кој беше дел и од првата мисија, товарниот брод „Џенифер“ со помошта, бродот за поддршка „Ledra Dynamic“, за водење на бродовите при нивното пристигнување и платформата „АРИС“.

-Вкупно се транспортираат 332 тони хуманитарна помош. Пратката вклучува и опрема за поддршка, односно кран што ќе се користи за истовар на помошта, а мисијата е опремена со екипаж за управување со кранот. Истовремено, започнати се и подготовките за собирање помош за следната мисија, напиша Летибиотис.

Според кипарските медиуми, на трите брода и на пловечката платформа ќе им требаат околу 65 часа за да стигнат до Газа.

Првиот брод со хуманитарна помош од Кипар за Газа отплови на 12 март со што иницијативата „Амалтиа“ за поморскиот хуманитарен коридор беше спроведена во пракса.

Со првиот брод беа пренесени околу 150 тони помош што вклучуваше храна, вода и медицински материјали. ср/ссм/

Фото: Министерство за надворешни работи на Кипар

Остани поврзан