Времено укинување на визите за краткорочен престој за странски државјани на трети земји со важечка британска, американска и канадска виза
- Одлука за времено укинување на визите за краткорочен престој (виза Ц) во Република Северна Македонија, за странски државјани носители на валидни патни исправи на трети земји, кои поседуваат важечка британска, американска и канадска виза, донесе Владата на 214-та седница.
Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Одлука за времено укинување на визите за краткорочен престој (виза Ц) во Република Северна Македонија, за странски државјани носители на валидни патни исправи на трети земји, кои поседуваат важечка британска, американска и канадска виза, донесе Владата на 214-та седница.
Со оваа одлука, како што појаснуваат денеска од владината прес-служба, за периодот од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, се укинуваат визите за краткорочен престој (виза Ц) во Република Северна Македонија, за странски државјани носители на валидни патни исправи на трети земји, кои поседуваат важечка британска, американска и канадска виза, при што должината на нивниот престој во Република Северна Македонија може да биде најмногу до 15 дена, а важноста на важечката британска, американска и канадска виза треба да биде 5 дена подолго од планираниот престој во Република Северна Македонија.
Како што е образложено од предлагачот, Министерството за надворешни работи, во периодот 2016 – 2023 година беа времено укинати визите за краткорочен престој (виза Ц) во државава (90 дена во текот на 180 дена, сметано од денот на првото влегување) за државјаните на трети земји кои поседуваат важечка британска, американска и канадска виза.
-Имајќи ги предвид позитивните влијанија на оваа одлука врз привлекувањето странски туристи и јакнењето на бизнис контактите, се предлага донесување ваква одлука и за 2024 година, се наведува во соопштението од Владата. дма/
Форо:МИА архива