• петок, 03 јануари 2025

Времено се решава проблемот со недостиг за специјалисти во Здравствениот дом Крива Паланка 

Времено се решава проблемот со недостиг за специјалисти во Здравствениот дом Крива Паланка 

Крива Паланка, 31 декември 2024 (МИА) - Недостигот од специјалисти во Здравствениот дом „Димитар Арсов" во Крива Паланка поради скоро заминување на тројца специјалисти во пензија, ќе се решава времено со ангажирање лекари од останатите здравствени установи од Куманово и Кочани.

Дополнителен проблем во установата, покрај очекуваните пензионирања се и најавите за одлевање на останати специјалистички кадри.

Директорот Јоско Стефановски информира дека заедно со стручниот колегиум во координација успеале да изнајдат времено решение со доставено барање за пружање повремени услуги и прекувремено ангажирање до повеќе здравствени установи,од каде добиле позитивен одговор.

-Ве уверувам дека е потрошена многу голема енергија, многу поминати часови во телефонски разговори, преговори, со Министерството, со останатите установи од најблиските, соседни градови, за да на крајот, позитивен одговор добивме од Општа болница Кочани, од каде веќе од втората половина на јануари се очекува во нашиот здравствен дом да доаѓаат специјалисти: интернист, невролог и рентгенолог. Ова се всушност и носечките специјалистички услуги кои се неопходни за непречено работење на нашата установа, вели Стефановски.

Посочи и дека дополнително, позитивен одговор добиле и од Општа болница Куманово, од кадешто ќе доаѓа еден интернист.

-По доставените барања да се даде согласност вршење повремени услуги од дадената специјализација, очекуваме повратен одговор од самите специјалисти. По ова, формално здравствениот дом ќе бара согласност од Министерството за здравство, кадешто се веќе запознаени со состојбата, за да можат да се случат договорите со Општа болница Кочани и Куманово, додаде Стефановски.

Според него, се очекува веќе во втората половина од јануари или за неполн месец, услугата да биде достапна за сите граѓани на Крива Паланка и Ранковце, бидејќи здравствениот дом опслужува над 25.000 жители од двете општини.

Дополнително е важно што Крива Паланка е транзитно место, на коридорот 8, така што, неопходно е оваа јавна здравствена установа да биде постојано екипирана и опремена.

-Здравствен дом Крива Паланка има обезбедено услови за комплетно обавување на овие дејности, со опремени простории,опрема и кадровски персонал, додава Стефановски.

Трајно решение што во догледно време треба да го реши проблемот со недостиг на специјалисти е ,рече, промената на планот за специјализации за 2025, за да може од сопствените вработени лекари, Здравствен дом Крива Паланка да испрати четворица специјалисти: интернист, невролог, општ хирург и една специјализација по физикална и рехабилитациона медицина.ид/бт/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан