• недела, 05 јануари 2025

Кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ продолжи во Битола

Кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ продолжи во Битола

Битола, 3 јануари 2025 (МИА) - Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со компанијата ВЕРО, денеска во Битола продолжија со националната кампања „Поддршка за згрижувачките семејства“.

Згрижувачките семејства се директна и максимална поддршка на системот на социјална и детска заштита. Во земјава има над 360 згрижувачки семејства кои згрижуваат над 600 деца, истакна Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади.

-Со оваа кампања во текот на целата година имаме можност на овие дечиња и сите други што се во нашиот систем на социјална и детска заштита да ги израдуваме и да бидат посреќни во текот на целата година. Министерството за социјална политика, демографија и млади, има можност да биде директна поддршка за дечињата без родителска грижа и деца со посебни потреби. Денеска имаме над 360 згрижувачи со над 600 дечиња, а во битолскиот регион има над 45 згрижувачки семејства со над 50 згрижени деца. Оваа кампања и во иднина ќе ја поддржиме со цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства кои што се директна и максимална поддршка на самиот систем на социјална и детска заштита, посочи Велковски.

Во изјава за медиумите, Велковски најави дека Министерството за социјална политика, демографија и млади во текот на 2025 година ќе изврши ревидирање со цел зголемување на надоместокот што го добива едно згрижувачко семејство.

-На згрижувачките семејства секој месец им се доделуваат над 18.000 денари во зависност од бројот на сместени деца и категоријата, но размислуваме во текот на 2025 година да направиме ревидидирање на овој систем бидејќи сите трошоци се зголемени, сумата што ја добиваат згрижувачите не е променета, а тие 24 часа се посветени на овие дечиња. Во моментов доволна е потребата за згрижување и сите деца се згрижени, но ние ќе работиме, и во текот на 2025 година ќе се обидеме да го зголемиме бројот на згрижувачки семејства што ќе значат брза реакција за згрижување на некое дете доколку тоа е потребно. Ние постојано работиме за да имаме стабилен социјален систем, нагласи Велковски.

Националната кампања се спроведува под платформата „ВЕРО за тебе“ и го нагласува значењето на згрижувачките семејства и центрите за лица со попреченост.

-Поддршката на згрижувачки семејства е еден од нашите приоритети. Ние како општествено одговорна компанија ги поддржуваме овие иницијативи и ќе бидеме активни учесници во овие иницијативи со цел да дадеме поддршка на најранливите категории, истакна Петар Денковски, директор на ВЕРО.

На јавниот настан во Битола, Министерството за труд и социјална политика и претставниците на ВЕРО, на згрижувачките семејства и згрижени деца им доделија новогодишни пакетчиња. мт/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан