• петок, 05 декември 2025

Врачени уверенијата на градоначалникот и советниците од Општина Крива Паланка

Врачени уверенијата на градоначалникот и советниците од Општина Крива Паланка

Крива Паланка, 3 ноември 2025 (МИА) - Општинската изборна комисија Крива Паланка денеска ги врачи уверенијата на градоначалникот од СДСМ кој освои втор мандат Сашко Митовски, како и на петнаесетмината советници во Советот кои граѓаните на Крива Паланка ги изгласаа и избраа во првиот круг од осмите локални избори во државата.

Во првиот круг од локалните избори Коалиција за локални избори 2025 година предводена од СДСМ во Крива Паланка освои 50,96 отсто од гласовите или 5.595, додека коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 44,41 отсто од гласовите на граѓаните што го оствариле своето избирачко право на изборите или 4 876 гласови.

Според освоените гласови од граѓаните, во новиот четиригодишен мандат Советот на Општина Крива Паланка ќе брои мнозинство од СДСМ, со осум советници и седум од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците на денешната конститутивна седница дадоа свечена изјава и воедно избраа претседател на Советот, Миле Трајковски, кој беше носител на листата за советници од СДСМ.

Митовски се обрати пред присутните и рече дека довербата од граѓаните значи доверба за да продолжи процесот на прогрес и напредок на градот.

- Граѓаните ја препознаа искреноста, визијата за Крива Паланка да ми биде уште поубава од она што е денес. Благодарност до граѓаните за вториот мандат во кој ќе работам со иста љубов и посветеност, но со уште поголема решителност за промени, не само во инфраструктурата, туку во духот и вербата во подобро утре на граѓаните. Затоа ќе порачам - Крива Паланка нема време за партиски поделби и суети. Нека овој мандат го одбележи сплотеност, за граѓанинот на прво место, да вложиме и во инфраструктура и во образование, во спорт, култура, но пред сѐ и најмногу во човекот, а најмногу во младите, Крива Паланка да биде место каде младите ќе сакаат да останат да живеат, рече Митовски.

Упати повик за нова страница во општествена зрелост, порачувајќи дека и тој и советниците имаат голема обврска пред граѓаните што им ја дале довербата.

- Нека оваа седница значи обединување, зашто советничкиот мандат не е награда, туку обврска, секој граѓанин да живее подобро. Да не бидеме луѓе што ветуваат, туку што остваруваат. Помалку да зборуваме, повеќе да создаваме, рече Митовски. Им порача на раководителите на општинските институции дека времето на оправдувања е завршено, порачувајќи дека кога граѓаните влегуваат во институциите ја гледаат функционалноста на општината, па затоа, истакна, Крива Паланка ќе биде пример за работа,ред и достоинство. ид/мд/


Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан