• вторник, 03 декември 2024

Во Ѓорче Петров одбележан 3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

Во Ѓорче Петров одбележан 3 декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

3 декември 2024

По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Ѓорче Петров организираше отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото „Заиграј со нас“, каде што учествуваа деца со типичен и атипичен развој.

Низ низа активности кои вклучуваат стимулација на физичкиот развој, социо-емоционалниот развој, ориентација, координација, прецизност, брзина, рамнотежа и визуелна интеграција, уште еднаш покажавме дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок.

-Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност – рече градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“.

Како општина, додаде Стојкоски, секогаш стоиме на страната на инклузијата.

-Со гордост можеме да кажеме дека токму кај нас функционираат најголем број центри за поддршка и развој на лицата со попреченост. Нашата заложба е јасна – никогаш нема да дозволиме овие наши сограѓани да бидат заборавени или оставени на маргините – подвлече градоначалникот.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува секоја година со цел да поттикне разбирање за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и да ја мобилизира поддршката за нивното достоинство, права и благосостојба.

Општина Ѓорче Петров

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан