• вторник, 14 мај 2024

Во Штип се одржува Фестивалот за млади пијанисти „Пијано Голден Талентс“

Во Штип се одржува Фестивалот за млади пијанисти „Пијано Голден Талентс“

Штип, 22 септември 2023 (МИА) - Пијанисти од Италија, Израел, Полска, Монголија, Чешка и уште десетина држави денеска ја покажаа својата умешност во штипската галерија „Безистен“ на Фестивалот за млади пијанисти „Пијано Голден Талентс“. Повеќето свират од најмала возраст и веќе се светски докажани.

Пијанистите со најмногу освоени поени одржаа свои рецитали. Фестивалот е ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на едно место, а за учесниците е начин за запознавање друга култура и пијанисти од повеќе земји.

Валентина Вознук, пијанистка од Чешка вели дека почнала да свири пијано на четири години.

- Прекрасно е овде, сакам да свирам пијано, бидејќи ми е интересно да го правам тоа, вели Вознук.

-Свирам пијано од пет години, а сега сум 24 години. Ја сакам музиката, го сакам пијаното и мислам дека ќе свирам цел мој живот, додава Антониа де Паскуале.

Ова е втор Фестивал за млади пијанисти во Штип, а се одржува денеска и утре. Во рамки на Фестивалот има осум рецитала и два концерта, денеска и в сабота. Организатор на Фестивалот е Интернационалното здружение за културен развој и едукација „Арт Фест“, а директорката на Здружението, м-р Марија Максимова, посочува дека викендов Штип ќе биде светски центар на пијанизмот, ретка можност да се слушнат толку млади и интернационално докажани пијанисти на едно место.

-Основната идеја за организација на фестивал од ваков тип беше да направиме нешто за градот, односно музички настан на интернационално ниво со што би ја приближиле публиката до класичната музика, односно да го приближиме светското музичко наследство до сите љубители на музиката преку промовирање на млади одлични пијанисти и на дела за пијано со висока уметничка вредност. Воедно, фестивалов претставува подиум и поттик за понатамошна работа на младите пијанисти, како и дружба, мотивација и разменување на искуства меѓу пијанистите и менторите од различна возраст и националност, вели Максимова.

Рециталите и концертот на македонските млади пијанисти се со почеток од 17:00 часот, големиот концерт на кој ќе настапат победниците од 12 земји ќе се одржи в сабота, со почеток од 20:00 часот. вдј /цр

 Фото: МИА

Остани поврзан