Во Штип поставени контејнери за селекција на електронски отпад
- Комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков вели тенденција е вакви контејнери да се постават и на други локации во градот.
Штип, 29 ноември 2023 (МИА) - Поставени се 11 контејнери за селекција на електронски отпад во централното градско подрачје во Штип. Контејнерите се донација од скопска фирма, а целта е електронскиот отпад, кој е опасен, да не се меша со комуналниот отпад. Комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков вели тенденција е вакви контејнери да се постават и на други локации во градот.
- Во централното градско подрачје беа поставени контејнери за селекција на електронски отпад и на отпадни материи. Контејнерите се донација од скопска фирма во соработка со Општина Штип. Првично поставивме 11 контејнери на повеќе фреквентни локации во центарот на Штип, се надеваме дека во иднина ќе бидат поставени и на други места за да можат граѓаните да го одлагаат овој тип на отпад и да не се меша со комуналниот, вели Везенков.
Тој истакна дека праксата покажува оти граѓаните го мешаат отпадот и за да се смени ваквата слика на терен се поставени новите контејнери. Со поставувањето на контејнери, но и со акциите за подигање на свеста кај граѓаните почнувајќи од најмалите се работи за почист град. Фирмата која ги донираше контејнерите ќе го презема отпадот и понатаму ќе го складира. вдј/бд/
Фото: МИА