• четврток, 05 декември 2024

Во Штип одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Во Штип одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Штип, 3 декември 2024 (МИА) - Со делење едукативни флаери и рачно изработени брошеви за сите случајни минувачи во центарот на Штип, денеска се одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост - 3 Декември. На настанот присуствуваа лицата од сите центри, учениците од ООУ „Ванчо Прќе“ и средношколците од текстилното училиште „Димитар Мирасчиев“. Целта на настанот е подигање на свеста за правата на овие лица, како и рамноправноста за нив.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Штип беше одбележан со повеќе активности, а градоначалникот на Општина Штип ги посети и здруженијата.

Лидија Џамбазова-Јанкова, претседател на Заедницата на инвладиски организации во Штип вели ако некој човек ја изгубил раката, ногата, способноста да гледа или слуша, не ја губи способноста да чувствува, размислува, да носи одлуки. Таа посочува дека лицата со попречност треба активно да се вклучат во општеството, да се вработуваат и да придонесуваат за својата околина.

-На овој ден ќе испратиме јасна порака – ако некој човек ја изгубил својата рака, нога, способноста да оди, да зборува, да гледа, да слуша или се соочува со некој друг тип на попреченост, истиот тој човек не го изгубил своето образование, способноста да чувствува, да размислува, да носи одлуки, да одлучува. Затоа лицата со попреченост се исто толку добри родители, пријатели, колеги, вработени, како и лицата без попреченост, само дајте им шанса за поактивно учество за општествениот, социјалниот и политичкиот живот. За жал предрасудите и бариерите сѐ уште постојат и во 21 век, вели Џамбазова -Јанкова.

Градоначалникот на Општина Штип Јорданов посочи дека локалната самоуправа со проекти за подобрување на инфраструктурата работи на подобрување на условите на лицата кои имаат некаков вид на попреченост.

-Се трудиме да ја прилагодиме инфраструктурата за секојдневните потреби на лицата со одреден вид на инвалидитет, но секако дека вклучувањето во системот е нешто кое е крајна цел затоа што можеби овие лица имаат некој вид попреченост, но од друга страна имаат компетентност и да бидат вклучени во системот и општеството, вели Јорданов.

Во рамки на одбележување на денешниот ден во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип се организираа и спортски игри под мотото „Спорт за сите“. вдј/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан