• среда, 15 мај 2024

Во Франција повторно евакуирани неколку аеродроми поради закани за бомби

Во Франција повторно евакуирани неколку аеродроми поради закани за бомби

Париз, 19 октомври 2023 (МИА) - Неколку француски аеродроми денеска повторно се евакуирани по нови закани за бомби. Станува збор за аеродромите во Бордо, Нант, Лил и Монпеље, а дојава стигнала и на аеродромот во Бове.

Летовите се пренасочени и се очекуваат значителни доцнења во текот на целиот ден, а на лице место се полициски и контрадиверзантски екипи.

„Во Франција 17 аеродроми добија дојави за бомба, што доведе до евакуација на 15 аеродроми, откажување на 130 летови и многу доцнења“, изјави францускиот министер за транспорт Клеман Бон.

Тој предупреди дека лажните пријави не се шега, туку дека се работи за криминални дејствија.

Француската влада се закани со затвор и високи парични казни за оние кои испраќаат закани за бомби, а властите се сомневаат дека можеби за тоа се одговорни млади луѓе и деца.

Според француските закони, ваквите повици се казнуваат со затвор до три години и парична казна од 45.000 евра.

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво од петокот вечерта, откако наставник беше убиен во училиште во францускиот град Арас, а главен осомничен е Мохамед М, кој претходно и ветил верност на Исламска држава. паг/

 

 

 

Остани поврзан