• четврток, 15 мај 2025

Во украинскиот парламент поднесен закон согласно кој Украинците постари од 60 години можат да потпишат договор за учество во вооружените сили

Во украинскиот парламент поднесен закон согласно кој Украинците постари од 60 години можат да потпишат договор за учество во вооружените сили

Киев, 30 април 2025 (МИА) – Во Врховната рада на Украина официјално е поднесен предлог-закон за воена служба по договор за лица кои наполниле 60 години.

Ова на Фејсбук го објави Роман Костенко, член на Комитетот за национална безбедност, одбрана и разузнавање и иницијатор на законската иницијатива, пренесува Укринформ.

- Воведуваме договори за лица постари од 60 години. Денеска Врховната рада го регистрираше законот бр. 13229 што го иницирав, а кој на граѓаните постари од 60 години ќе им даде право доброволно да потпишат договори за воена служба, наведе тој.

Според него, предлог-законот е одговор на барањето на општеството, бидејќи „многу мотивирани и искусни луѓе сакаат да бидат корисни во време на војна, но важечката законска регулатива ги ограничува во тоа“.

Костенко објасни дека предлог-законот предвидува можност за потпишување едногодишни договори за лица постари од 60 години за време на вонредна состојба со согласност на командантот на единицата.

Меѓутоа, за офицери постари од 60 години ќе биде потребно дополнително одобрение од Генералштабот на Вооружените сили на Украина.

- Мораме да го искористиме потенцијалот на секој што е подготвен да се бори за победа, истакна тој, заблагодарувајќи им се на колегите пратеници кои ја поддржаа иницијативата, како и на јавноста, претставниците на Министерството за одбрана и Генералштабот на Вооружените сили на Украина за учеството во изработката на законот.

Кабинетот на министри на 11 февруари ја одобри процедурата за едногодишни договори за волонтери на возраст од 18 до 24 години, чиј вкупен годишен приход може да достигне два милиони гривни (42.435 евра). јт/

Остани поврзан