• петок, 22 ноември 2024

Во Тирана се одржува 51. Регионална конференција на Интерпол за Европа, Ал Раиси: Глобалната безбедност останува приоритет

Во Тирана се одржува 51. Регионална конференција на Интерпол за Европа, Ал Раиси: Глобалната безбедност останува приоритет

Тирана, 11 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Интерпол, Ахмед Насер Ал Раиси на 51. Регионална конференција на Интерпол за Европа, што денеска почна во Тирана, и ќе трае до четврток, оцени дека „глобалната безбедност останува приоритет“.

Во своето излагање нагласи дека соработката во борбата против криминалот е многу значајна, додавајќи дека постои „добра соработка меѓу Интерпол и Европа, порачувајќи дека „заедно сме посилни“.

Ахмед Насер Ал Раиси дополнително високо ја оцени улогата на Албанија, додавајќи дека таа покажала дека е добар пример за меѓународна соработка.

- Придонесот на ЕУ во проектите на Интерпол е многу важен. Клучна улога игра и Извршниот комитет на Интерпол. Европскиот извршен комитет исто така игра важна улога и нивниот придонес е исто така важен. Овие соработки се важни за глобалната безбедност. Интерпол успеа да има нови алатки и нови решенија и да ги зајакне полициските капацитети во 196 земји-членки. Во 2023 година, со поддршка на европските партнери, земјата постигна значителен напредок, рече тој.

Учесниците ги поздрави домаќинот, албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, порачувајќи дека „Албанија останува посветена на борбата против организираниот криминал и корупцијата“ и оти вистински предизвик на полицијата е да ги открие виновниците и да ги изведе пред лицето на правдата.

Според Бала, резултатите што ги постигнала државната полиција ја направиле меѓу најдоверливите институции во Албанија.

- Албанија останува многу посветена на борбата против организираниот криминал, корупцијата и наркотиците. Направивме реформа во правосудниот систем, за зајакнување на владеењето на правото во институциите и почнавме да ги собираме сите добри резултати. Потврдуваме дека Албанија е посветен и доверлив партнер и ќе остане подготвена за соработка. Денес имаме многу предизвици на полето на безбедноста. Организираниот криминал, кибер криминалите бараат брза координација и одговор, рече Бала.

Регионалната конференција ќе трае и следните два дена, а на неа учествуваат околу 200 претставници од агенциите за спроведување на законот од европските земји. вт/паг/

Фото: МВР- Албанија

Остани поврзан