Во Тирана се одржува 18. состанок на парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација Албанија-ЕУ, меѓу европратениците и Белери
- Во Тирана денеска и утре се одржува 18-тиот состанок на парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија, на кој учествуваат 10 пратеници од Европскиот парламент.
Тирана, 29 октомври 2024 (МИА) - Во Тирана денеска и утре се одржува 18-тиот состанок на парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија, на кој учествуваат 10 пратеници од Европскиот парламент.
Делегацијата ја предводи Италијанецот Марко Таркинио, додека во делегацијата има и двајца Албанци, Аднан Дибрани кој доаѓа од Шведска и Фреди Белери од Албанија, но како грчки европратеник.
Пред влегувањето во парламентот, Белери од помала група граѓани беше пречекан со навреди, а едно од лицата фрлаше јајца и јогурт кон него, но тој не реагираше и влезе во зградата.
-Европратениците имаа средба со премиерот Еди Рама, но Белери немаше директна средба, лице в лице, со Рама, бидејќи намерно влезе со мало задоцнување на средбата, чекајќи неколку минути пред врата. Пред неколку дена на прашањето на грчките медиуми за оваа средба, Белери го омекна тонот кон премиерот Рама и рече дека „тој си ја работи својата работа, а јас мојата“, објавија медиумите.
Европратениците ќе имаат одвоени средби со парламентарните групи на владејачките социјалисти и опозициските демократи, а доцните попладневните часови на преговарачка маса ќе седнат двете делегации, албанските парламентарци предводени од Тони Гогу и оние на ЕУ, предводени од Таркинио.
Темите за кои ќе се разговара меѓу двете делегации се: владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата; слобода на медиумите и избори; Економски развој и туризам; добрососедски односи и регионална соработка.
Фреди Белери (52), кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби двегодишна затворска казна за купување гласови, а беше уапсен два дена пред изборите што се одржаа на 14 мај минатата година.
Иако во притвор тој беше реизбран за градоначалник на јужното приморско гратче Химара, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори.
Тој во јуни годинава беше избран на конзервативната листа на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за европратеник во Парламентот на ЕУ, чија инаугуративна седница беше во средината на јули, на која присуствуваше со претходна дозвола на затворот. вт/рп/
Фото: МИА архива