Во тек се подготовките за новата комедија „Лагата“
- На малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) во тек се читачките проби за претставата „Лагата“, работена по текст на современиот француски писател, драматург, театарски режисер, сцена

Скопје, 14 април 2022 (МИА) - На малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) во тек се читачките проби за претставата „Лагата“, работена по текст на современиот француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер Флоријан Зелер. Претставата е во режија на Бесфорт Идризи.
Премиера се очекува кон втората половина на мај.
„Лагата“ е безмилосна комедија која ги анализира лицемерите во општеството. Лавиринт на лаги и измами и непријатни вистини што се случуваат во бракот.
-Мишел и Лоранс доаѓаат на вечера, но Алис истото попладне го забележува Мишел како се бакнува со друга жена, притоа е во дилема дали да ѝ каже на пријателката што видела или не. Нејзиниот сопруг Пол верува дека е подобро да се однесуваат како ништо да не се случило. Алис е далеку од сигурна. Со оглед на тоа што нивната сопствена врска се држи под лупа, станува јасно дека некои вистини најдобро е да не се кажат, а границата меѓу вистината и лагата може да биде опасна за преминување, се наведува во соопштението на МНТ.
Во претставата, која во земјава се поставува првпат, играат Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска. Сценографијата ја работи Крсте Џидров-Џиби, костимите ќе бидат дизајн на Роза Трајческа-Ристовска. Авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василевски-Новоградска.бт/са/

