• понеделник, 04 ноември 2024

Во Струмица се одржа вежба за спасување од земјотрес, пожар и сообраќајна несреќа

Во Струмица се одржа вежба за спасување од земјотрес, пожар и сообраќајна несреќа

Струмица, 9 октомври 2024 (МИА) - По повод 9 Октомври Меѓународниот ден на спречување катастрофи и елементарни непогоди денеска во Струмица се одржа тактичко-симулативна вежба за спасување од земјотрес, пожар и сообраќајна несреќа.

Вежбата се одржа пред и во зградата на Општина Струмица со симулиран земјотрес и пожар, како и со симулирана тешка сообраќајна несреќа меѓу автомобили и велосипед.

Градот ечеше од сирените на возилата за прва помош и противпожарната единица. Волонтерите на Црвениот крст демонстрираа како се извлекуват и транспортираат повредените, а пожарникарите спасуваа со опремата со која им се олеснува постапката за спасување човечки животи.

Според Љупчо Јанков, од струмичкиот Црвен крст,такви вежби се потребни за да се провери колкава е подготвеноста на секоја институција за справување со такви ситуации.

-Овие вежби се организираат со цел да се проверат елабаротите и правилата како да се однесуваат институциите при вакви елементарни непогоди и да се провери соработката меѓу инстутициите, односно дали сите кои се во овој кризен менаџмент знаат како да се однесуваат при вакви кризни состојби, рече Јанков.

Според него, денешната вежба поминала одлично, а соработката и координацијата со локалната самоуправа, како и со ДЗС, ЦУК, пожарникарите, Итната медициска помош и волонтерите на Црвениот крст на Струмица и Радовиш била на високо ниво.

Инаку, според законската регулатива институциите се должни два пати годишно да одржуваат вежби за спасување и евакуација. рт/са/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан