• сабота, 23 ноември 2024

Во Струмица одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Во Струмица одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Струмица, 26 февруари 2024 (МИА) - Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа 20-годишнината од неговата смрт.

Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

Венец пред споменикот положи и владина делегација предводена од дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Од оној 26 февруари 2004 година до овој денешен 26 февруари 2024 година поминаа точно 20 години. Еве сме исправени повторно пред споменикот подигнат во негово име, во струмичкиот Градски парк, со почит и непребол да одбележиме две децении без нашиот сограѓанин и без вториот македонски претседател Борис Трајковски. Годините минуваат, но споменот за претседателот Трајковски ќе остане да живее и понатаму, уште многу пати по 20 години. Вечен ќе биде тој спомен, не само за генерациите кои се негови современици, туку и за сите идни македонски поколенија кои ќе слушаат и читаат историски вистини за бесмртниот македонски претседател, рече Костадинов.

Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица рецитираа пригодна поезија, а Унијата на жени при ОК ВМРО - ДПМНЕ Струмица традиционално засади дрвце во Градскиот парк во Струмица. рт/дма/

 

Фото:МИА

Остани поврзан