• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица интензивно се работи на изградба на велосипедски патеки

Во Струмица интензивно се работи на изградба на велосипедски патеки

Струмица, 21 март 2023 (МИА) - Во Струмица изиминативе шест месеци интезивно се работи на изградба на велосипедски патеки на повеќе локации во градското подрачје во рамки на проектот „Струмица-паметен вело град“.

Увид во изградбата денеска изврши градоначалникот Костадинов, кој истакна дека е задоволен од интензитетот и динамиката на спроведување на активностите.

-За фактичката изведба на терен добив уверување дека реализацијата е во согласност со проектната документација и согласно сите европски стандарди, како од аспект на техничка изведба и квалитет, така и од аспект на еколошка и заштита на животната средина. Како општина континуирано поставуваме високи цели во поглед на квалитетот на живот преку следење на светските трендови, целејќи кон заштита на животната средина и примерите на најразвиените европски градови кои ја охрабруваат примената на „почист превоз“, изјави струмичкиот градоначалник.

Додаде дека претстои реализација на уште два нови проекта за љубителите на рекреативниот велосипедизам. Во Градскиот парк во Струмица ќе започне изградбата на „памп-трака“, додека за љубителите на планинскиот велосипедизам ќе започне уредување на мал вело парк на ридовите над градот.

Костадинов посочи дека Општина Струмица и оваа година продолжува со спроведување на конкретни активности за поттикнување користење велосипед како превозно средство. За таа цел на веб страницата на Општина Струмица е објавен јавен повик за субвенционирано купување на велосипеди, а во најава е поставување паркинзи за велосипеди по должината на велосипедските патеки и на други јавни места.

Според Ѓоко Ристовски, раководител на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при Општина Струмица, првата фаза од изградбата на велосипедската инфраструктура ќе се заокружи на почетокот на јуни, а на светскиот ден на велосипедот е планирано да се одржи вториот фестивал посветен на љубителите на велосипедизмот.

Досега се изградени велосипедски патеки во должина од 4,5 километри од вкупно 13. Средствата за овој проект во износ од 750 илјади евра се обезбедени од ЕУ во рамки на програмата „ЕУ за општините“ и се однесува на иновативно и ефективно решение со кое ќе се стимулира употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. рт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан