Во Србија драстично зголемен бројот на заболени од грип и респираторни инфекции, регистриран и случај на мали сипаници
- Во Србија во последните денови драстично е зголемен бројот на заболени од респираторни инфекции и грип.
Белград, 7 февруари 2024 (МИА) - Во Србија во последните денови драстично е зголемен бројот на заболени од респираторни инфекции и грип.
Според податоците на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, од 29 јануари до 4 февруари биле пријавени 15.110 случаи на заболени слични на грип, додека во неделата што претходела биле регистрирани 12.251 случај. Потврден е и првиот случај на мали сипаници кај петнаесетгодишно дете, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од Институтот Батут, вчера, во Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ потврден е случај на мали сипаници кај 15-годишно дете од Белград, кое не било вакцинирано, а кое е хоспитализирано поради пневмонија на Клиниката за инфективни и тропски болести „Проф. д-р Коста Тодоровиќ“.
Од Батут соопштија дека само во Белград, според податоците на Градскиот институт за јавно здравје, бројот на пациенти со акутни респираторни инфекции е зголемен за 24,6 отсто, а бројот на пациенти со болести слични на грип е зголемен за 38,8 отсто.
Повеќето од болните се меѓу деца на училишна возраст. Педијатрите велат дека чекалните во здравствените домови се полни, како и амбулантите во болниците и зголемен е и бројот на пациенти на болничко лекување.
Според податоците на Градскиот завод за јавно здравје во Белград, минатата недела - од 29 јануари до 4 февруари, се регистрирани 18.939 пациенти со акутни респираторни инфекции, што е скок од 24,6 отсто во однос на претходната недела, кога беа регистрирани 15.202 заболени.
Во претходната недела потврдени се 877 заболувања слични на грип, што е зголемување за 38,8 отсто, бидејќи во претходната недела биле потврдени 632 случаи.
- Најголем број заболени има кај децата на училишна возраст од пет до 19 години - 7.236 или 38,21 отсто. Кај децата до четири години заболени се 3.438 пациенти или 18,15 отсто. Голем број заболени се и меѓу работоспособно население на возраст од 20 до 64 години - 6.754 или 35,66 отсто. Кај постарите од 65 години регистрирани се 1.511 пациенти или 7,98 отсто, соопштија од Градскиот институт. об/паг/