• петок, 22 ноември 2024

Во Собранието дебата за уставните судии

Во Собранието дебата за уставните судии
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Со 63 гласа „за“, пратениците вечерва го усвоија дневниот ред на 88. собраниска седница. За првата точка на дневниот ред, односно изборот на нов министер за локална самоуправа, како што образложи претседателот на Собранието Талат Џафери, дебата не може да се отвори, поради служено отсуство на предлагачот - премиерот Димитар Ковачевски. Седницата продолжи со втората точка и Предлогот за избор на уставни судии. За предлогот Фатмир Скендер да биде уставен судија за збор се јавија 28 пратеници. Во оваа точка ќе се гласа поединечно за Скендер и за Татјана Васиќ Бозаџиева за уставни судии, предлози кои беа прифатени од страна на мнозинството на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Комисијата утврди девет кандидати за уставни судии, а дебатата на седницата за шестмина се уште не е завршена. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека очекувал претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска да образложи зошто постапила вака и испратила допис за гласање на двајца прифатени кандидати, иако комисиската дебата не е завршена. Мицевски најави и интерпелација за претседателот на Собранието. Претходно, повеќе од два часа опозицијата се обидуваше да ја оддолжи седницата со барања за тргање или додавање на точки на дневниот ред. Претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица спореа во врска со предлогот за втора точка на дневниот ред да биде Предлози за избор на судии на Уставниот суд. Тие бараа таа точка да биде тргната од дневен ред. Мнозинството не го поддржа нивниот предлог, но и покрај тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со повторување на истото барање. - Една точка е со девет кандидати и поединечно се гласа за кандидатите, рече, меѓудругото, претседателот на Собранието Џафери. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски праша тогаш зошто кога беше усвоен првиот предлог, не беше ставен на гласање. Мицевски обвини дека ставањето само на двајца изгласни предлози на Комисијата за уставни судии од деветмина кандидати е преседан и е во спротивност со Деловникот. Меѓудругото, посочи дека одговорност за оваа постапка ќе сноси и претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која го потпишала барањето. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски обвини дека Џафери не ја кажува вистината кога вели дека во Собранието се присутни 65 пратеници, бидејќи, според него, во салата има само 59. Тој изјави дека наместо да биде највисокиот демократски орган е „на ниво на задруга“. Стојановски ги повика вработените во Собрнаието да работат согласно закон, бидејќи како што рече, тие на кои што „им прават услуги за да им ја спасат политичката кариера, ќе ги остават сами да чекаат по судовите“. Претседателот на Собранието Џафери беше дециден дека тогаш во Собранието имало 65 пратеници. – И во моментов има 46 пратеници овде и на оваа страна имаше 19 и тоа се 65 пратеници. Но, да обвините служба дека лаже при броење, тоа е најниско што може да го направите, рече, меѓудругото, Џафери. На дневен ред на 88. седница се и закони поврзани со мерките за справување со енергетската криза, измените на законот за здруженија и за политичките партии и други. ев/сп/

Остани поврзан