• понеделник, 23 декември 2024

Во Свети Николе ќе се реализираат капитални инвестиции од над 100 милиони денари

Во Свети Николе ќе се реализираат капитални инвестиции од над 100 милиони денари

Свети Николе, 10 февруари 2023 (МИА) - Реконструкција на старите улици и изградба на нови и замена на коцката со асфалт во централното градско подрачје се само дел од проектите предвидени за тековната година во општина Свети Николе.

Градоначалникот Дејан Владев истакна дека буџетот е во одлична кондиција, а во соработка со неколку министерства ќе се пристапи на уредување на Свети Николе, со што градот, како што рече, ќе добие сосем нов изглед.

- Во моментот во завршна фаза е асфалтирањето на две улици во село Црнилиште, кои за две недели треба да бидат комплетно завршени. Паралелно со тоа се работи на вадење на коцката и асфалтирање на две улици со два крака во самото централно подрачје каде веќе ќе нема коцка во Свети Николе. Овој проект ќе биде завршен во наредниот месец до месец и половина. Паралелно ќе имаме асфалтирање на четири улици во местото викано Шоповски пат и ќе нема неасфалтирана улица во Свети Николе, вели Владев.
 
Освен во градот, проекти има предвидено и за руралните средини. Покрај изградба и реконструкции на улици, ќе се работи и на водоводна и канализациона мрежа, детски игралишта и паркови.
 
- Во тек се тендерски постапки за асфалтирање на улици во селото Пеширово, а целосно ќе се заврши и канализацијата во селото Мустафино. При крај е тендерот за уредување на новиот парк, ќе имаме нов детски парк, нов амфитеатар, додава Владев.
 
Оваа година треба да пристигне и ново теренско противпожарно возило за потребите на ТППЕ Свети Николе, а треба целосно да заврши и изградбата на детската градинка којашто е под покровителство на Министерството за труд и социјална политика. Проектите ќе чинат преку 100 милиони денари. вдј/ар/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан