Во Русија почна судскиот процес против четворица новинари обвинети за соработка со организацијата на покојниот Навални
- Во Москва денеска почна судски процес против четворица руски новинари обвинети за соработка со „екстремистичката организација“ на починатиот опозиционер во затвор, Алексеј Навални
Москва, 2 октомври 2024 (МИА) – Во Москва денеска почна судски процес против четворица руски новинари обвинети за соработка со „екстремистичката организација“ на починатиот опозиционер во затвор, Алексеј Навални.
Движењето на Навални во 2021 година беше класифицирано како „екстремистичко“ и забрането, а неговите сојузници и поддржувачи беа протерани во егзил. Руските судови сега се насочени кон помалку директните соработници на Навални, а тројца адвокати кои го бранеа опозицискиот лидер беа обвинети минатиот месец.
Денеска четворица новинари се обвинети дека работеле за антикорупциска организација (ФБК) на Навални.
Една од обвинетите е фоторепортерката Антонина Кравцова, која работи под името Антонина Фаворскаја, а редовно известуваше за судските процеси против Навални за „СОТАвишн“ (SOTAvision). На 15 февруари, Кравцова го сними последното видео на кое се гледа жив Навални за време на судското сослушување ден пред неговата смрт во сибирски затвор. Таа беше уапсена на 17 март, неколку часа откако положи цвеќе на неговиот гроб. Откако помина десет дена во притвор, по ослободувањето повторно беше уапсена.
Обвинети се и репортерите Сергеј Карелин и Константин Габов за помагање во создавањето видеа за тимот на Навални. Карелин работеше за Ројтерс, а Габов за Асошиетед прес.
Четвртообвинет е новинарот на „СОТАвишн“, Артјом Кригер, кој исто така е обвинет за соработка со ФБК. Тој веќе беше притворен осум дена во септември 2022 година, откако беше уапсен додека покриваше демонстрации против воената мобилизација.
Новинарите обвинети за екстремизам може да бидат осудени и на шест години затвор. ми/
фото: МИА архива