Во Прилеп симулација на сообраќајна несреќа
- По повод Меѓународниот ден на сестринството, 12 мај, и неделата на сестринството од 5 до 12 мај, во центарот на Прилеп се одржа симулација на сообраќајна несреќа. Организатори на симулацијата се Унијата на здруженија на медицински сестри, Итната медицинска помош од Прилеп, во соработка со Полицијата и Противпожарната единица.
Прилеп, 12 мај 2025 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на сестринството, 12 мај, и неделата на сестринството од 5 до 12 мај, во центарот на Прилеп се одржа симулација на сообраќајна несреќа. Организатори на симулацијата се Унијата на здруженија на медицински сестри, Итната медицинска помош од Прилеп, во соработка со Полицијата и Противпожарната единица.
-Целта на оваа симулација меѓу возачи на мопед и на велосипед е на граѓаните да им ја покажеме подготвеноста на медицинските лица, заедно со службите на Пожарната и Полицијата за брза и ефикасна интервенција при сообраќајни несреќи и животозагрозувачки ситуации. Колку сме побрзи и поефикасни, поголема е можноста да се спасат животите, рече Андреј Ристески, лекар во службата за Итна медицинска помош во Прилеп.

Во прилепските здравствени институции има недостиг од медицински сестри за повеќе од 20 проценти, а и правата во целост не им се овозможени.
-Недостигот на медицински сестри е глобален проблем, во Македонија истакнат е со години. Во моментов во Прилеп има недостиг од преку 20 проценти на медицински сестри. Ситуацијата е алармантна. За да се подобрат состојбите, бараме да се укине работата со договор на дело за медицинските сестри, туку веднаш да се вработуваат. Тешка е ситуацијата на медицинските сестри во примарната здравствена заштита зашто 90 насто се со минимална плата. Бараме да им се зголемат платите, а очекуваме сега, со зголемувањето на капитацискиот бод да се подобрат состојбите, изјави Елизабета Настеска, претседателка на Здружението на медицински сестри во примарната здравствена заштита.
На денешната симулација на сообраќајна несреќа активно учество зедоа учениците од медицинското училиште „Ѓорче Петров“. Матурантот Михаил Јорданоски е првенец на генерација. Ја сака медицината и се надева дека ќе работи во Македонија.
-Прво сакам да ја истакнам големата улога на медицинските сестри во здравствениот систем. Јас како матурант прво се здобивам со звањето медицинска сестра. Ќе продолжам на Медицинскиот факултет и како иден лекар се надевам дека ќе ги лекувам своите сограѓани, рече матурантот Јорданоски. ем/дма/
Фото: МИА