Во Прилеп отворена изложба на уметникот Среќко Здравковиќ од Србија
- Во ликовната галерија од прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ синоќа беше отворена изложбата на дела на уметникот од Србија, Среќко Здравковиќ. Делата се слики и цртежи и со оваа изложба Здравковиќ одбележува 50 години уметничко творештво.
Прилеп, 10 август 2024 (МИА) - Во ликовната галерија од прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“ синоќа беше отворена изложбата на дела на уметникот од Србија, Среќко Здравковиќ. Делата се слики и цртежи и со оваа изложба Здравковиќ одбележува 50 години уметничко творештво. Уметникот е годинашен учесник на меѓународната ликовна колонија Дрен 2024, што се одржува во Прилеп по 16-ти пат.
Изложбата ја отвори Каролина Мицевска, лице за односи со јавност при Центарот нагласувајќи дека Здравковиќ е препознатлив со автентичен уметнички ракопис.
- Неговите дела се преполни со фигурација, со симболи и е зрел автор во уметничкото изразување, рече Мицевска.
Авторот Здравковиќ го изрази задоволството од половина век сопствено творештво.
- Посебно е задоволството што можам да се претставам пред прилепската и македонската публика. А огромно искуство е учеството на меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков-Дрен“, вели Здравковиќ
Здравковиќ е добитник на бројни награди и признанија за исклучителен придонес во културата во Србија. Покрај со уметничката работа, се занимава и со графички дизајн и педагошка дејност. ем/ир
Фото: Центар за култура„Марко Цепенков“