• вторник, 07 мај 2024

Во Прилеп епидемиолошката состојба е стабилна, но не треба да се потцени коронавирусот

Во Прилеп епидемиолошката состојба е стабилна, но не треба да се потцени коронавирусот

Прилеп, 18 септември 2023 (МИА) - Во Прилепскиот регион епидемиолошката состојба е стабилна, но будно се следи корона вирусот чиј интензитет ќе се зголеми наредниот период, вели Татијана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Седумнаесет отсто од тестираните се позитивни, бројот е зголемен, и за 14 дена во септември има колку во цел август.

- Со доаѓањето на есента се очекува зголемен интензитет на циркулацијата на САРС-КОВ 2 вирусот што може да претставува зголемен здравствен ризик, пред сè, кај постарите лица и кај лицата со хронични заболувања. Иако СЗО во мај прогласи крај на пандемијата, вирусот сè уште циркулира кај популацијата и варијантите кои се сега присутни се потомци на омикрон сојот, кој сам по себе беше послаб во споредба со претходните соеви. Во моментов, во сите европски земји е забележан трендот на пораст на нови случаи предизвикани од ерис-варијантата, но во циркулација сè уште две нови варијанти на омикрон сојот, и во нашата земја. Од почетокот на овој месец бележиме значителен пораст на бројот на новозаболени. Така од 1 до 14 септември има околу 300 новозаболени случаи, што во споредба со јуни, јули и август кога се регистрираа меѓу 20 и 30 нови случаи, претставува значително зголемување. Се очекува генетското секвенционирање на вирусот кој ќе каже за кои варијанти станува збор. Во соседството циркулираат вирусите ерис, пирола. Во нашиот Регион, од почетокот на септември се регистрирани 10 нови случаи, за разлика што во цел август имаше регистрирано 13, а вкупно 3 случаи во јуни и јули. Овој број на 10 новорегистрирани во септември, според бројот на тестирани е 17 проценти. Во есенските месеци се очекува зголемен интензитет на циркулација на вирусот, објаснува епидемиологот Мургоска Станимировиќ.

Нема место за паника, а за ризичните групи и хронично болните препорачлива е една доза вакцина.

- Најголем број од луѓето го прележаа вирусот, било асимптоматски или со симптоми, но со текот на времето имунитетот стекнат по природен пат или по вакцинација, ослабува, се намалува. Така новите варијанти може да го заобиколат тој имунитет, особено ако е ослабен. Затоа, за наредниот период се препорачува за луѓето од ризичните групи и лицата со хронични заболувања, иако го прележале ковидот или се вакцинирани, препорачливо е да се вакцинираат со една доза вакцина и се смета дека е доволна заштита. Ситуацијата ја следиме, очекуваме препораки за наредниот период. Нема место за паника, овие варијанти на омикронот предизвикуваат поблага клиничка слика. Од она што го знаеме од новозаболените, претежно се присутни горнореспираторни проблеми, печење во грлото, во носот, слабост, температура околу 37-38 степени. Кај нас во моментов немаме хоспитализирани пациенти, немаме податоци ниту за компликации. Во секој случај, не треба да се потцени ситуацијата и будно ќе се следи, вели Татјана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје, Прилеп.

Со почетокот на учебната година, се очекува пораст на акутните респираторни заразни заболувања, што е очекувано за овој период од годината. ем/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан