• вторник, 16 јули 2024

Во првите четири месеци извозот со пад од 5,3 проценти, увозот зголемен за 3,8 

Во првите четири месеци извозот со пад од 5,3 проценти, увозот зголемен за 3,8 

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари – април годинава изнесува 2 639.1 милиони евра и бележи пад од 5,3  проценти во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 754.9 милиони евра, што е за 3,8 проценти повеќе во споредба со  првите четири месеци лани.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит, во периодот јануари – април годинава изнесува 1 115.8 милиони евра.  

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот, пак,  најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Во првите четири месеци од годинава според вкупниот обем на надворешнотрговската размена,  најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Кина. лв/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан