• недела, 22 декември 2024

Во поддршката на Украина стоиме заедно, а Путин стои сам, порача Остин од Брисел 

Во поддршката на Украина стоиме заедно, а Путин стои сам, порача Остин од Брисел 

Брисел, 11 октомври 2023 (МИА) – Со овој собир ќе го потсетиме светот на нашата посветеност да продолжиме со поддршката на Украина онолку колку што ќе биде потребно, изјави денеска во Брисел американскиот државен секретар Лојд Остин во обраќањето на Контакт групата за одбрана на Украина, што се одржува во рамки на дводневната средба на министрите за одбрана на НАТО.  

Според него, овој собир ја претставува коалицијата на 50 нации на добра волја што е посветена на поддршка на украинската борба за слобода. 

- Оваа коалиција продолжува да создава историја со своето единство и решителна поддршка за Украина. Да нема забуни, САД ќе стојат зад Украина колку што ќе биде потребно, додаде Лојд во обраќањето на состанокот на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој истакна дека коалицијата е посветена да им го даде на украинските борци тоа што им е потребно и се додека е потребно со цел Украина да може да живее во слобода. 

- Денеска ќе разговараме за итните потреби на Украина за да може да возврати на руската флагрантна агресија. Украина постигна јасен напредок продолжувајќи да ја ослободува клучната територија од руските напаѓачи, рече американскиот секретар за одбрана. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Лојд нагласи дека ја поздравува храброста на украинските борци кои се борат да ја одвратат инвазијата на армијата на рускиот претседател Владимир Путин и дека за таа борба ќе им биде потребна помош од сите земји присутни на оваа средба. 

- Мора да продолжиме да ја снабдуваме Украина со се што и е потребно, како и да ја развиваме украинската одбранбена способност за нејзините потреби за иднина, посебно со противвоздушна одбрана и муниција, изјави Остин, најавувајќи дека САД ќе обезбедат пакет помош за Украина во вредност од 200 милиони долари, кој ќе вклучува муниција за новиот систем за противвоздушна одбрана, како и артилериска муниција, ракети, тенковски гранати и опрема за справување со руските дронови. 

Според него, на собирот ќе се разговара и за помошта на Украина на долг рок и за таа цел ја најави Коалицијата на способност, која ќе биде одговорна да ја координира помошта на земјите членки, со што нема само да се задоволат итните потребни на земјата и нејзините сили, туку и ќе се развива нивната способност за во иднина. 

- Треба да бидеме подготвени дека Путин одново ќе ја гранатира Украина претстојнава зима со ракети и дронови. Треба да очекуваме сурови напади врз украинските градови, цивили и инфраструктура. Со претворање на цивилите во воени цели, Путин сака да го скрши духот на украинскиот народ, но нема да успее и ние го знаеме тоа, истакна Остин. 

Според него, Путин сака да ги деполаризира Украинците, но наместо тоа ја деполаризира руската војска. Се надеваше дека ќе ја изолира Украина, а наместо тоа ја изолира Русија. Сака да си игра со целиот свет, а не може ни со неговите платеници, рече Остин. 

Тој истакна дека во оваа агресивна војна времето не работи за Русија и дека сојузниците се подготвени да ја поддржат Украина за уште една воена зима, додавајќи дека Кремљ на почетокот на агресијата не сметаше на единството и сила на оваа коалиција, со што Путин се доведе во позиција да бара помош од Иран и Северна Кореја. 

- Ние стоиме заедно, а Путин стои сам. Украина е важна затоа што Путин со војната што беше негов избор претставува закана за безбедноста на Европа. Украина е важна затоа што руската агресија претставуваше јасен предизвик за сојузниците од НАТО. Украина е важна затоа што руските напади врз цивили се во спротивност со нашите вредности и закана за владеењето на правото. Украина е важна затоа што руските напади врз украинското жито предизвикуваат глад и страдање на невини луѓе ширум светот. И Украина е важна затоа што ако големите сили можат да ги напаѓаат своите соседи, тоа ќе ги наруши воспоставените правила што го прават светот безбеден по Втората светска војна, додаде Остин. сп/  

Остани поврзан