• петок, 15 ноември 2024

Во Подгорица средба на министрите за европски прашања на Северна Македонија и на Црна Гора, Муртезани и Горчевиќ 

Во Подгорица средба на министрите за европски прашања на Северна Македонија и на Црна Гора, Муртезани и Горчевиќ 

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Со средба со министерката за европски прашања Маида Горчевиќ, денеска министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани ја започнал работната посета на Црна Гора. На средбата, соопштија од Министерството за европски прашања, биле разменети мислења за следните чекори во напредокот на процесот на пристапување кон Европската Унија и зајакнувањето на регионалната соработка во Западен Балкан.
 
Министрите Муртезани и Горчевиќ разговарале за ангажманот на Европската Унија со Западен Балкан, кој добива нова динамика со новата Европска комисија. Тие го нагласиле значењето на овој развој и зголемениот фокус на ЕУ за продлабочување на врските со регионот. Двете страни ја истакнале својата силна посветеност на спроведувањето на неопходните реформи и усогласувањето со стандардите на ЕУ како дел од патот кон членството во Унијата.

 
- Муртезани и Горчевиќ ја реафирмираа важноста на меѓусебната соработка во справувањето со заедничките предизвици, како што се реформите во правосудството, владеењето на правото, мерките против корупција и економскиот развој, нагласувајќи дека овие реформи се клучни не само за процесот на пристапување во ЕУ, туку и за поттикнување на стабилноста и развојот во регионот. Министрите се согласија да ја зајакнат соработката меѓу нивните министерства во справувањето со овие приоритети и размената на добри практики, соопштија од Министерството.
 
Централна тема на дискусијата бил новопредложениот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел дополнително да ја поддржи економската интеграција на регионот во единствениот европски пазар. Двајцата министри ја подвлекле можноста оваа иницијатива да го забрза приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ и се согласиле за важноста од брзо спроведување на клучните елементи на планот, кој вклучува инвестиции во инфраструктура, енергетска транзиција и поддршка за малите и средни претпријатија.
 
Министрите дискутирале и за тековните реформски агенди на Северна Македонија и на Црна Гора, со фокус на клучните области на реформа на јавната администрација, правосудството и подобрување на демократското владеење.

На средбата во Подгорица, се наведува во соопштението, бил потенциран заемниот стремеж Северна Македонија и Црна Гора да станат целосно интегрирани членки на Европската Унија. Министрите изразиле и уверување дека континуираната регионална соработка и усогласување со приоритетите на ЕУ ќе ги зајакнат можностите за реализација на оваа цел, нагласувајќи дека иднината на Западен Балкан припаѓа во интегрирана Европа. цр/дма/

Фото: Министерство за европски прашања

Остани поврзан