• четврток, 04 декември 2025

Во Пехчево промовиран творечкиот опус на поетесата Славјанка Димова

Во Пехчево промовиран творечкиот опус на поетесата Славјанка Димова

Пехчево, 19 август 2025 (МИА) – Со голема посетеност и во свечена атмосфера, во преполниот хол на гимназијата во Пехчево се одржа промоцијата на творечкиот опус на поетесата Славјанка Димова, родена во Пехчево, а со место на живеење во Скопје. Настанот го организираше Општинската установа матична библиотека „Кочо Рацин“.

-Публиката имаше можност да слушне избор од поетските творби на Димова, кои беа интерпретирани од младите рецитатори Иван Јангелов и Елица Јовевска. Музичкиот дел на вечерта беше збогатен под диригентство на професорот по музичко образование Драган Колевски, чиј избор и изведба придонесоа за дополнителен емотивен набој, информираа од библиотеката во Пехчево.

Свечената атмосфера ја надополни и настапот на сограѓанката Марија Кирик и хорот при Здружението на воени пензионери од Скопје. 

-Тие со своето изведување придонесоа настанот да достигне своја кулминација, оставајќи силен впечаток кај присутните.
Посебен печат на промоцијата дадоа гостите од Скопје – поетесата Даница Пишманова и поетот Момчило Божиновски, кои преку интерпретација на стихови од опусот на Димова ја нагласија нејзината оригиналност и поетска вредност, додадоа од пехчевската установа 

Организаторите изразија благодарност до Славјанка Димова за нејзината желба токму во родниот град да го претстави своето творештво, нагласувајќи дека со тоа ѝ овозможила на пехчевската публика директно да се запознае со нејзиниот поетски свет.

Промоцијата беше поздравена како значаен културен настан за Пехчево, кој ја потврди заложбата на локалната библиотека „Кочо Рацин“ за поддршка и афирмација на домашните автори и нивната креативност. вс/вј/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан