• недела, 22 декември 2024

Во Охрид свеченост во чест на Славе Ѓорѓо Димоски годинешниот добитник на наградата „Григор Прличев“

Во Охрид свеченост во чест на Славе Ѓорѓо Димоски годинешниот добитник на наградата „Григор Прличев“

Охрид, 5 февруари 2024 (МИА) – Наградата што го носи името на Григор Прличев е за мене исклучително значајна оттаму што моето литературно зреење е врзано за Прличев. Уште како ученик од четврто, петто одделение ја прочитав прличевата „Автобиографија“ и оттогаш сум цврсто врзан со Прличев, изјави денеска Славе Ѓорѓо Димоски, годинешниот лауреат на наградата за најдобра поема што го носи името на охридскиот поет и преродбеник.

Поемата „Денес“ на Димоски беше избрана за најдобра на конкурсот што во име на Прличев секоја година го распишува центарот за култура „Григор прличев“ од Охрид.

За самата поема „Денес“ Димоски посочи дека ја обработува денешната ситуација, се она што се  случува кај нас, во нашата земја и надвор.

- Тоа е поема во која се трага по личен, ловечки, државен идентитет...Дејството во самата поема е ставено во временска рамка од шест месеци и се случува во 2022 година, рече Димоски.

Врачувањето на наградата за најдобра поема секоја година се одвива во рамки на свеченостите поврзани со манифестацијата „Прличеви беседи“, востановена за да се одбележува годишнината од смртта на големиот охридски поет, кој се упокои на 6 февруари 1893 година.

Беседата „Прличев и ние“ под шифра „Гроф“ е најдобра на конкурсот што охридската библиотека „Григор Прличев“ го распиша во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2023 година.

Инаку, чествувањата за Прличев во Охрид продолжуваат утре, со положувањее цвеќе пред споменикот на Прличев во училишниот двор на општинското основно училиште што го носи неговото име, а од 10:30 часот предвидени се панихида и полагање цвеќе на гробот на поетот во близина на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“. Потоа во Спомен-куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во чии рамки ќе се читаат нарадени литературни творби, а ќе биде промовирано и изданието „Охридски поети“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во 12:30 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, со обраќање на Смиле Наумоски – член на Друштвото на писатели на Македонија.

Во 13 часот во охридската библиотека ќе се одржи „Охридска визита“ во рамки на која беседа за поетот и преродбеник Прличев ќе одржи Елизабета Шелева, по што ќе следи прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024.

Годинешната програма во чест на Прличев ќе биде заокружена со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во НУЦК„Григор Прличев“ од 19 часот. аб/

фото/МИА

 

 

Остани поврзан