Во Охрид панел-дискусија посветена на проблемот со дивите депонии
- Охрид, но и останатите општини во земјата генерално се соочуваат со проблемот на појавата на дивите депонии со комунален отпад односно т.н. сметишта. Начинот како да се ублажат последиците од појавата на такви депонии и тоа преку дискусии на претставници на институции задолжени за односната тематика, беше темата на јавната панел-дискусија одржана денеска во Охрид.
Охрид, 13 февруари 2026 (МИА) – Охрид, но и останатите општини во земјата генерално се соочуваат со проблемот на појавата на дивите депонии со комунален отпад односно т.н. сметишта. Начинот како да се ублажат последиците од појавата на такви депонии и тоа преку дискусии на претставници на институции задолжени за односната тематика, беше темата на јавната панел-дискусија одржана денеска во Охрид.
На панелот како општ впечаток беше посочено дека барем кога се работи за Охрид, дека се чини оти јавното комунално претпријатие постојано е на терен и работи отстранувајќи го отпадот, но штом се исчисти една депонија за кусо време на други локации се јавуваат други...
- На хартија имаме голем број документи, закони, статегии... Но, на терен „Комуналец“ постојано работи, а секој ден се јавуват нови диви депонии... Се трошат ресурси, гориво, работници, цената ја плаќаат граѓаните, рече Ѓоко Зороски од Здружението „Екотуризам“.
Тој рече дека секој проблем со дивите депонии почнува од поединецот односно од домовите. Доколку секој би го селектирал отпадот, многу големи количини не би завршиле на депонијата „Буково“. Во град како Охрид со над 11 илјади домаќинства тоа значи дека се креира големо количество отпад.
Анкетите покажуваат дека за подобрување на ситуацијата со депониите мора да се работи на сортирањето отпад, а самите граѓаните сметаат дека се потребни едукации, соодветни канти за отпадоци, но и соодветни казни за прекршителите.
- Значи, мора да се работи на поголема свест кај поединецот, и подобрени услови за примарна рециклажа, барем до изградбата на долго најавуваната регионална депонија за третман на комуналниот отпад, истакна Зороски.
Претставникот на „Охридски комуналец“ истакна дека секојдневно низ градот се јавуваат над 30 локации на кои се одлага отпад.
- Нашите екипи секојдневно го подигнуваат отпад и истиот се депонира. Буквално има секаков вид на отпад. Со општината планираме на триесет точки да поставиме видео надзор камери, за да можеме да видиме кој депонира, да се преземе некакви мерки. Ќе треба да има редари. Значи од триесет локации што ни се во градот, секој ден минимум на 20 има градежен шут. Уште десетина места има накај Галичица, Рамне, Лакочереј, Велгошти... Кај Лабино имаме голем проблем во поглед на одложување на отпад со камиони. Лани беа собрани 5 300 кубици разновиден отпад, рече Ѓоко Савески, координатор за диви депонии ЈП „Охридски комуналец“. Савески уште рече дека во тек е постапката за поставување на видео надзор на критичните локации, со надеж дека свеста ќе проработи кај граѓаните, додавајќи дека е разговарано и за поставување собирни пунктови

По однос на идејата за регионална депонија и соодветен систем за одлагање, собирање и третман на отпадот постои повеќе од 13 години, но како слабост беше посочена слабата комуникацијата меѓу граѓаните и општинските институции.
- Се земаат кредити, се подготвуваат големи проекти, но никој не знае што се случува. Тоа е еден пропуст на кој мора да се работи. Решенијата со општинските ѓубришта е во начинот на управувањето со отпадот. Но, кај нас повеќе од 90 проценти од комуналниот отпад завршува на депонија. Постои јасна разлика меѓу тоа што е депонија, а што ѓубриште, рече Емил Ангелов, раководител на проект за управување со отпад на локално ниво, финансиран од шведската „SALAR International“.
Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина, истакна дека главен проблем за одлагањето и третманот на комуналниот отпад е ниското ниво на свест кај населението.
- Ресорното министерство преку возила, механизација, контејнери ги поддржува општините...Можеби 25 години од програмата за Животна средина се даваат средства за третман на дивите депонии...И системот е можеби и тромав, долго трае убедувањето со луѓето за потребата од современа депонија со соодветни инсенератори...Имаме убави закони, хармонизирани со европското законодавство, сепак ние се уште не можеме да го спроведеме законот за општа чистота на општинско ниво, рече Блинков.
На ниво на држава се мапирани над две илјади маркирани диви депонии. Експертите на панелот посоија дека се заговара и опцијата за формирање комунална полиција, но засега тоа е само како можност, притоа и се следат негативните искуства на основањето такви служби во соседните држави.
- По однос на нестандардните 52 депонии што се уште работат, а со кои стопанисуваат јавните комунални претпријатија, пред истите да се затворат мора да изработат техничка документација со оценка за нивното влијание врз животната средина и уште еден физички трошок со био-мембрана, што е научна фантастика за јавните комунални претријатија, каде отсуствуваат обучени луѓе, ограничени ресурси, рече Блинков.
Панелот во Охрид е одржан во рамки на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, спроведуван од страна на Центар за климатски промени во соработка со партнерите Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Ецо ацтион. Проектот е финансиран од Швајцарската Амбасада преку програмата Цивика Мобилитас. аб/мд/
фото: МИА