• понеделник, 23 декември 2024

Во Општина Струмица е извршено социјално мапирање за деца и лица со попреченост

Во Општина Струмица е извршено социјално мапирање за деца и лица со попреченост
Струмица, 30 мај 2022 (МИА) - Во Струмица има голем процент на лица со попреченост кои се соочуваат со бариери, а претставниците на организациите на овие лица како најголеми проблеми ги истакнаа личните асистенти, недостиг од дневни центри, достапноста во станбените единици и во домовите и тие побараа овие проблеми да влезат во документите на Општината за подобрување на состојбата на овие лица. Според Боран Иваноски од Мрежа на асоцијации на локални власти од Југоисточна Европа-НАЛАС, кризата најмногу ги погодува токму ранливите категории и затоа грижата треба да дојде од локалната самоуправа. -Во услови на криза се зголемува притисокот врз локалната самоуправа да се згрижат овие лица и тука се обврскитре на локалните власти кои имаат надлежности што треба да ги исполнат. Општина Струмица го препознава социјалното мапирање и користа од еден таков документ е голема затоа што социјалното мапирање е основа за креирање на локалните политики за оваа целна група, рече Иваноски. Градоначалникот Костадин Костадинов во обраќањето истакна дека Струмица е општина во која максимално се вложува за живот без бариери и еднакво за сите. -Влогот е препознат и Струмица е една од петте општини во државата во која е извршено социјално мапирање за деца и возрасни лица со попреченост. Сите наоди ќе ги интегрираме во стратешките и акциските документи во областа на социјалната заштита и во останатите локални политики. Со тоа ќе го зајакнеме создавањето средина еднаква за сите, еднакви можности за лицата со попреченост, како и поттикнување на развојот и искористување на нивните потенцијали, знаења, способности и вештини, рече Костадинов. Денешната дискусија за нацрт-извештајот од социјалното мапирање на состојбата и потребите на лицата со попреченост во Општина Струмица се организираше во рамки на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот никој да не биде изоставен“, имплементиран од ЗЕЛС и НАЛАС-Мрежа на асоцијации на локални власти од Југоисточна Европа во соработка со GIZ во име на Германското федерално министерство за економска соработка и развој. рт/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан