• петок, 18 јули 2025

„Не кажувај либе добра ноќ“ во ново руво

„Не кажувај либе добра ноќ“ во ново руво

Скопје, 4 јули 2025 (МИА) - Легендарната македонска љубовна песна „Не кажувај либе добра ноќ“ доживеа нов препев - овој пат во изведба на Огнен Здравковски.

„Изведбата е дел од продолжението на проектот 'Македонијо, во срце те носиме', што под водство на 'Скендеровски продукција', успешно ги спојува традицијата и современите музички изрази.  Проектот ја продолжува својата мисија: Да ги слави македонските корени преку гласовите на современи изведувачи - од народната и забавната сцена, обединувајќи ги во една цел: Да ѝ подариме на Македонија нов звук, а на публиката - ново доживување. До крајот на летото, љубителите на македонската музика ќе имаат можност да уживаат во сите композиции од проектот, што ќе бидат објавувани последователно, во духот на мотото: Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци!“, се истакнува во соопштението.

Песната „Не кажувај либе добра ноќ“ со музика и текст на Наско Џорлев, е еден од симболите на македонската музичка душа, се вели. Нејзината длабочина, емоција и меланхолична убавина сè уште одекнуваат низ времето.

„По незаборавните изведби на Петранка Костадинова, Васка Илиева, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски, браќата Тавитјан и Нина Бадриќ итн., оваа безвременска песна повторно ќе го допре срцето на публиката, сега преку гласот на Огнен Здравковски - еден од наследниците на лозата на авторот Наско Џорлев“, се наведува.

- Од сите песни што ги има напишано дедо ми - „Не кажувај либе добра ноќ“, „Фато мори душманке“, „Во Струмица на улица“, „Кажи ле облаче бело“ - токму „Не кажувај либе добра ноќ“ ми е најблиска и чест ми е што за неа е направена верзија што ја пеам јас. Ми буди убави спомени, посебно на мојот вујко Зоран Џорлев, кој има создадено инструментална верзија. Чест ми е да ја отпеам и да ја приближам до новите генерации, вели Огнен.

Зад аранжманот стои маестро Николче Мицевски, кој со својот препознатлив сензибилитет ѝ дава нова светлина на оваа музичка тема.  си/

Фото: „Скендеровски продукција“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан