• недела, 22 декември 2024

Во Неделата на медиумска писменост амбасадорката Агелер посети младински клубови во Неготино

Во Неделата на медиумска писменост амбасадорката Агелер посети младински клубови во Неготино

Неготино, 30 октомври 2024 (МИА) - Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска посети клубови за младински активизам и дебата во Неготино, во Неделата на медиумска писменост. 

Настанот беше во организација на Младински образовен форум и Американското подвижно катче, а во соработка со регионалното здружение за заштита на природата „Ековита“ од Неготино. 

- Целта е да се запознае со младинскиот активизам  и активностите и дебатите што се водат во ваквите дебатни клубови во државата, појасни Ристо Савески, претседател на Младински образовен форум. 

Како што беше кажано, подвижното катче всушност нуди различни активности и ресурси поврзани со американската култура, што се доближува до младите во земјава. 

Локалниот координатор на МОФ за Неготино Кристина Тодорова за МИА изјави дека нивната мисија е да ги инспирираат младите да работат на теми што се од важност за нашата иднина, како што се циркуларната економија, социјалното претприемништво и создавање одржливи заедници.

- Циркуларната економија, како што знаете, е модел што е клучен за заштита на ресурсите и е многу повеќе од едноставно рециклирање, значи повторна реупотреба. Ние ги поттикнуваме младите да размислуваат како идни лидери кои ќе знаат да ја заштитат животната средина, да ги зајакнат локалните заедници и да градат економија што е одржлива. Социјалното претприемништво е уште еден аспект што го поддржуваме. Ние веруваме дека младите можат да создаваат успешни иницијативи што не само што обезбедуваат финансиска стабилност, туку и решаваат општествени проблеми, подвлече Тодорова.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Горан Стојанов. свд/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан