Во Неготино настан за заканите од инвазивно растение, мониторинг и заштита
- Сериозна е заканата од инвазивниот плевел Solanum elaeagnifolium, ги презентиравме резултатите од теренскиот мониторинг, идните чекори за заштита на животната средина и адаптација кон климатските промени, рече меѓу другото Кристина Тодорова - координаторка на проектот, дипл. инж. агроном.
Неготино, 15 мај 2025 (МИА) - Кои се заканите од инвазивно растение детектирани на територија на општините Неготино и Кавадарци, што покажа мониторингот и како да се заштитиме, беа прашањата на кои беше одговарано денеска во салата на неготинската општинска зграда, во рамките на завршните активности од проектот „Екомисија“.
- Сериозна е заканата од инвазивниот плевел Solanum elaeagnifolium, ги презентиравме резултатите од теренскиот мониторинг, идните чекори за заштита на животната средина и адаптација кон климатските промени, рече меѓу другото Кристина Тодорова - координаторка на проектот, дипл. инж. агроном.
Пред присутните, за карактеристиките на растението и заштита од него, говореше проф. д-р Звонко Пацаноски, експерт за инвазивни растенија од Факултет за земјоделски науки и храна од Скопје.
Посебен сегмент на настанот беше изложбата на живи и хербаризирани примероци од плевелот, преку кои учесниците можеа директно да се запознаат со изгледот, структурата и биолошките карактеристики на овој опасен вид.
- Ова беше можност да се дознае повеќе за еколошката закана која тивко, но, брзо, го освојува нашиот регион - и како сите заедно можеме да се спротивставиме, подвлече Тодорова.
Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов изрази задоволство и поддршка за реализацијата на еден ваков значаен проект што ја обединува науката, граѓанската активност и заштитата на природата.
- Општина Неготино и понатаму ќе стои на располагање и ќе ги поддржува сите проекти што ја унапредуваат животната средина, го поттикнуваат научниот дух и ја мобилизираат јавноста во правец на одржлив развој, додаде Стојанов.
Проектот е финансиран од Владата на Шведска. свд/бд/
Фото: МИА