• недела, 22 декември 2024

Во Неготино зголемено ниво на аерозагадување, реагираат од Здружението „Ековита"

Во Неготино зголемено ниво на аерозагадување, реагираат од Здружението „Ековита

Неготино, 24 декември 2023 (МИА) - Зголемено е нивото на аерозагадување во градот Неготино, реагираа попладнево од Здружението на граѓани за заштита на животната средина „Ековита".  

- Според нашите мерења, три дена по ред аерозагадувањето во Неготино е високо, секојдневно  во исто време со високи пикови од седум до 10 пати поголеми од дозволената концентрација на ПМ 10 честичките, што јасно се гледа од резултатите на мерната индикаторска станица. Податоците се снимаат на секои три минути. Ова укажува дека најголемото загадување е во попладневните часови од 18 до 23 часот. Тоа наведува на сомнеж дека загадувањето е најверојатно од затоплувањата во домаќинствата, рече за МИА Сашко Тодоров, претседател на здружението со седиште во овој град. 

Тој појасни дека активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Младински активизам за позелени општини“,  од страна на Здружението на граѓани „Ековита“, во соработка со Antigonea Biking. 

- Проектот е поддржан од Македонско здружение на млади правници „Биди зелен", Младинска асоцијација „Креактив" Кавадарци, Центар за климатски промени Скопје, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европска Унија, додаде Тодоров, дипломиран инженер по биологија. 

Тодоров подвлече дека и понатаму ќе ја следат состојбата. Истовремено ќе алармираат за поттикнување  различни видови субвенции за намалување на загадувањето и промена на начинот на греење, подигнување на јавната свест и колективна грижа за чиста и здрава животна средина. свд/хс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан