• четврток, 15 мај 2025

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Павле Кузманоски 

Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела од ликовниот уметник Павле Кузманоски 

Кавадарци, 26 април 2025 (МИА) - Изложба на дела од ликовниот уметник Павле Кузманоски, беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци.  

Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметноста во музејот, куратор на изложбата, рече дека станува збор за реномиран уметник, чија работа претставува значаен придонес кон современата македонска уметност. Притоа истакна дека во своето богато и конзистентно творештво, Кузманоски се изразува преку неколку класични жанрови портретот, пејзажот и мртвата природа, но на секое платно му пристапува со посебна сензибилност и автентична уметничка визија. 

- Неговите дела се резултат на длабока посветеност, техничка зрелост и суптилно разбирање на формата, бојата и светлината. Уметноста на Кузманоски е длабоко човечка, искрена и емотивна. Таа говори на јазикот на тишината, но остава силен одек во јавноста. Павле Кузманоски слика со почит кон природата, кон човекот, кон животот, нагласи Цветков. 

Во неговиот свет, подвлече Цветков, бојата е мисла, линијата е чувство, а секоја слика еден внимателен обид да се фати нешто што е, по својата природа, минливо. 

- Особено внимание заслужува неговиот најпознат циклус на дела, ,,Сведоци", што  претставува силен уметнички и духовен коментар за човечката состојба, колективната меморија и трајните вредности на општеството. Во овие дела, фигурата добива симболична димензија, носејќи во себе тежина на искуства, тишини и историски наталожени значења. „Сведоците" не се само слики, тие се неми набљудувачи на времето, но и негови активни толкувачи, додаде Цветков. 

Преку оваа изложба, рече тој, публиката има ретка можност да го доживее творештвото на Кузманоски во неговата целосна изразна моќ, од интимноста на портретите, преку медитативноста на пејзажите, до симболиката на мртвите природи.

Пред присутните се обратија и директорот на музејот, Јаким Зимоски, како и самиот автор. свд/цр


Фото: МИА 

Остани поврзан